Црвениот крст во рамките на одбележувањето на Неделата на промоција на хумани вредности што трае од од 21 до 27 септември, денеска организира дефиле во сите градови во земјава.
Во Скопје настанот ќе започне во 11 часот пред СУГС „Орце Николов”, при што 500 лица ќе се движат по бул. „Илинден“ до крајната дестинација „Школка“ во Градски парк каде што ќе има и пригодна програма. Рутата за дефилето ќе биде во должина од два километра, а учесниците ќе ги придружува Градскиот оркестар.
Долж рутата, ќе дефилираат млади волонтетери, ученици, студенти, лица од трето доба, лица со попреченост… заедно во името на хуманите вредности.
Младите ќе организираат креативни работилници на кои ќе се изработат пораки за вклучување, мир, разбирање под мотото „Дефилирај, не се фолирај!” „Defilo, mos u shtir!”
Програмата Црвениот крст – Промоција на хумани вредности претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери.
Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество. Тие во текот на овие обуки добиваат и практични знаења како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во којашто живеат, а при тоа се охрабрени да ги користат сопствените капацитети за изработка на проектите преку кои помагаат на ранливото население.
Во текот на цилкусот 2019 година обуката ја поминаа 1100 младинци, и беа изработни 150 мали проекти за добробит на заедниците во коишто живеат. Преку овие проекти тие помогнаа и поддржаа околу 3.800 лица од различни ранливи категории, вложувајќи околу 34.000 волонтерски часови.