Најмладите пациенти на Клиниката за детска хирургија во Скопје ќе се прегледуваат и со новиот ЕХО-апарат кој е подарок од Државна видеолотарија на Македонија.
– Со донацијата вредна милион и 230.000 денари даваме ветер во грб на идејата Детската клиника да се поднови со апарати и на овој начин. Државна видеолотарија на Македонија пружа безрезервна поддршка, бидејќи, кога станува збор за деца, не се прашува за цена, туку да им се овозможи што побезгрижна иднина. А и родителите да имаат помалку грижи кога децата треба да се лекуваат – изјави на денешната прес-конференција Виолета Ристоска од Државна видеолотарија на Македонија. Таа се надева дека ќе бидат пример и за останатите компании, за да се овозможат здравствени придобивки за целото општество.
Ваков апарат првпат е набавен во јавното здравство. Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека го радува кога има општествено одговорни компании кои помагаат на здравствените институции.
– Сите институции кои лекуваат деца е добро кога се засилуваат со нова опрема, нови програми, но и нов кадар и лекари и медицински сестри. А новина е што в година ќе имаме посебна Програма за деца кои се во животнозагрозувачка состојба, за една посебна патологија, за бенигни тумори на деца, коишто до сега не беа предвидени. Со ова ќе се зголеми и експертизата и можностите за лекување на тие дечиња во Македонија, при овие зафати неопходен е овој мобилен ехо апарат. Успеавме во земјата да го донесеме и проф. д-р Ѓорѓевиќ од Белград, кој ќе соработува и со Медицинскиот факултет во Скопје, а кој е експерт во детска урологија, но и во трансџендер хирургија – рече министерот Филипче.
Шефот на одделот за детска кардиохирургија, д-р Владимир Чадиковски, се заблагодари на донацијата.
– Првпат на клиника добиваме ваков мобилен апарат, кој располага со повеќе сонди за дијагностика на сите заболувања во детска возраст, што придонесува и за правилен третман. Апаратот ќе може да се носи на Гинекологија, Педијатрија, а и во амбуланта – изјави д-р Чадиковски.