Државната детска кардиохирургија, која сега функционира на Универзитетската Клиника за детска хирургија, најверојатно до Нова година ќе се пресели во Клиниката „Жан Митрев“, а ќе работи според моделот на јавно приватно партнерство.
Деталите како ќе функционира дел од јавното здравство во приватна болница се прецизираат деновиве, но најважно е што за најмалите пациенти нема да се смени ништо – тие и натаму нема да плаќаат за кардиохируршките операции. Годишно се оперираат по околу 30 до 50 деца со срцеви проблеми.
Овој бај-пас е потребен додека да биде изграден новиот Клинички центар, a мора да се внимава да се задржат JCI стандардите во болницата каде ќе биде преселена детската кардиохирургија.
– Сѐ уште не донесовме конечна одлука, но ги нагласувам придобивките кои ги очекуваме од овој проект, а на прво место се условите за работа. Децата ги ставаме на прво место. Јавно приватно партнерство е еден од моделите. Во Министерството за здравство привршуваат анализите како би се формирало јавно приватно партнерство помеѓу Детската кардиохирургија и приватна болница, која би ги третирала децата со срцеви мани на товар на Фондот – рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Министерот обелодени дека се разгледува опцијата за овој вид партнерство со приватната установа Клиника „Жан Митрев“, за да се искористи добриот инфраструктурен капацитет со кој располага оваа болница.
– Не значи дека ќе стане збор за селење на персоналот во приватна болница, туку сѐ уште се разгледуваат сите модели, а може да се искористи и можноста за дополнителна дејност. Вреди да се разговара за ваков тип на партнерство. Секаде каде има простор, може да ги споиме домашната експертиза која работи во приватниот и во државниот сектор, да обезбедиме подобри услови, интегриран сервис на здравствена услуга. И кога никој повеќе нема да биде испратен за лекување во странство, Фондот ќе обезбеди голема заштеда и тоа не само во однос на лекувањето во странство, туку и за сегашното функционирање на одредена струка – нагласи Филипче.
Кардиолошките операции и кога ќе се извршуваат во приватна болница ќе бидат на товар на Фондот, а буџетот за оваа намена, според Филипче, ќе остане ист.
– Тимот кој ќе работи на овие пациенти исто така ќе се плаќа од Фондот, а најважно е што никој од пациентите нема да плати ни денар повеќе – појасни министерот.
Фондот одделува околу милион евра годишно за овие интервенции.