Детерминирање на македонскиот јазик во Грција

1584

Постоењето на македонскиот јазик, како еден од малцинските јазици во Грција, пошироко во Европа не се поставува како некаква дилема. Токму напротив, статусот на малцинскиот македонски јазик во низа анлизи и согледувања добива во значење кога се зборува за црната дупка на малцинската политика во Грција. И самиот Преспански договор тешко може на каков било начин да го промени, или на некаков невешт начин д го заобиколи тој факт, иако претставници на македонската Влада, со чудни толкувања во „духот на Преспанскиот договор“, сега зборуваат дека „не сме ние тие кои ќе детерминираме кој на каков јазик зборува, бидејќи тоа ќе биде мешање на една држава во внатрешноста на друга“.

Додека одделни малцински јазици во Европа се намалуваат, други ги засилуваат своите позиции. На таков развој се укажува во повеќе анализи, меѓу другото и од стрaна на Јохан Хеглунд, шведски јазичен експерт и еден од најдобрите познавачи на состојбите околу малцинските јазици во Европа, кој беше ангажиран и во поранешното Биро на ЕУ за помалку користени јазици (European Bureau for Lesser-Used Languages, EBLUL). Пред неколку години тој укажуваше дека финскиот шведски (јазик на шведското малцинство во Финска) и унгарскиот во Словачка, Романија и Србија се големи малцински јазици во Европа кои се намалуваат. Но не се и единствените. Други малцински јазици чиј обем на употреба се намалува, според споменатите анализи, се во Франција и Грција, иако станува збор за релативно мали јазици како бретонскиот, окситанскиот и – македонскиот.

Иако во интерес на самите национални држави, во смисла на јакнење на нивното внатрешно единство, е да водат политика на попуштање на уздите за малцинските јазици, многумина критичари сметаат дека заложбите на ЕУ за подобрување на положбата и статусот на малцинските јазици се недоволни. Повеќејазичноста во последните години сè помалку претставува едно од приоритетните подрачја за кои во своето работење се залага Европската комисија.

Објаснувањата за таквиот развој се поврзуваат со сили во Европскиот парламент кои се спротивставуваат на унапредувањето на законската регулатива која овозможува полиберална рамка и засилување на претпоставките за употреба на малцинските јазици во сите сегменти на општественото живеење каде што граѓаните имаат реални потреби од задоволување на своите јазични права. Според Јохан Хегман и неговите колеги, силите кои манифестираат силен отпор се најмногу присутни меѓу конзервативните политичари од Шпанија, Франција и Грција, при што стравувањата од сепаратизам, од кои се раководат споменатите конзервативни сили го засилуваат нивното противење да се овозможи подобра законска рамка за користење на малцинските јазици.

Укажувајќи дека единственото малцинство што го признава Грција е муслиманското, (што опфаќа околу 100.000 Турци, Помаци и муслимански Роми), шведската аналитичка група „Магма“ забележува дека Грција всушност не признава дека станува збор етнички и јазични идентитети – туку малцинскиот статус се базира единствено врз религија.

Митот за обединет и хомоген народ со заеднички јазик и заедничка религија и култура се многу посилни и почувствителни во Грција отколку соодветинте митови во други европски земји. Врз основа на таквиот мит Грција ги доживува своите мацинства како вистинска закана против географското единство и идентитетот на државата. При средбите што „Магма“ ги имала со претставници на македонското малцинство во Грција, јасно им е ставено до знаење дека тие во „својата борба за образование на сопствен македонски јазик, не би можеле да се повикаат на некаква посебна поддршка што ја добиваат од Европа“.

Во Европа е мал бројот на земји кои формално се повеќејазични. Но, под највисокото ниво на официјалниот јазик сепак е присутен мозаик од јазици со најразлични статуси, за кои се очекува поголема поддршка од страна на ЕУ, како политичка така и економска. Што се однесува до Грција, таа е една од малкуте земји-членки на ЕУ кои не ја имаат потпишано Европската повелба за регионални и малцински јазици, што е причина повеќе да се тврди дека позитивните европски искуства во областа на јазичната политика не наишле на плодна почва во Грција, каде што притисокот за асимилација е мошне силно изразен.

Дури и кога Грција би ја потпишала и ратификувала споменатата Повелба, ЕУ не би можела да бара земјата да ги исполни ветувањата и преземените обврски за промовирање на малцинските јазици. Грција е одамна членка на ЕУ така што останатите 27 земји-членки веќе ја имаат признаено грчката официјална малцинска политика, која Грците упорно и непопустливо ја бранат поаѓајќи исклучиво од сопственото толкување на историските факти.

Врз основа на последиците и очекувањата што победата на Сириза пред неколку години можеше да има врз економската политика во еврозоната, цела Европа го следеше развојот по парламентарните избори во Грција со големо интересирање. Слично како што беше проследено и потпишувањето на Преспанскиот договор.

А со оглед на фактот дека Европа сака да се покаже во светлина на Унија во која и човечките и малцинските права се почитуваат, шведскиот истражувачки институт „Магма“ смета дека интересирањето за Грција би требало постојано да се проширува за да ги опфати правата и статусот на сите незјини граѓани и групи, без исклучоци.

Во секој случај, разочарувањата поради недоволната политичка и правна поддршка од ЕУ, на што укажуваат претставници на македонското малцинство во Грција, сега веројатно уште повеќе ќе се продлабочуваат, доколку бидат принудени, поради новите меѓудржавни и соседски политички компромиси, да се соочат и со дистанцирање од нив, и од нивната борба за образование на сопствен македонски јазик, од страна на – македонската Влада.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...