Дескоска: Сузбивањето на корупцијата дава резултат со обединети чинители

77

Корупцијата е присутна во сите држави без исклучок, како криминален и социолошки феномен, морален и етички проблем, во различен вид и интензитет, истакна министерката за правда Рената Дескоска во обраќањето на меѓународната конференција „Зајакнување на транспарентноста и одговорноста со цел обезбедување интегритет: Обединети против корупција“, што денеска се одржува во Шибеник.

Сведоци сме, посочи таа, дека транснационалниот организиран криминал, кој оди под рака со корупцијата, е сè позачестена појава, со сè пософистицирани облици на манифестација, што придонесува за прелевање на коруптивните појави од една во друга држава.

– Поради тоа, многу јасно е дека за успешна борба против корупцијата е потребна интегративна спрега од домашни и меѓународни активности, односно зеднички напори и на домашен и на меѓународен план – истакна министерката Дескоска.

Таа додаде дека меѓу стратешките приоритети на Владата на Република Македонија е преземањето интензивни активности во насока на зајакнување на правниот и институционален систем на земјата во насока на превенција и борба против корупцијата.

Министерката во своето обраќање се задржа подетлно на активностите кои Република Македонија ги презема за превенција и репресија на корупцијата, како за националните, така и за меѓународно- превентивните и репресивни мерки, а со кои се јакне меѓу-институционалната, регионалната и меѓународната соработка.

Во таа насока, Дескоска информираше за домашната анти-коруциска правна рамка која започна да се гради во 2002 година, со усвојувањето на Законот за спречување на корупција и е последователно надградувана во делот на превентивните и репресивните мерки, а во чиј составен дел спаѓаат и Кривичниот законик, Законот за кривична постапка, Законот за јавна внатрешна финансиска контрола.

Министерката Дескоска информира дека во 2015 година, домашната анти-корупциска правна рамка е надополнета со Законот за заштита на укажувачи, со кој се воведуваат канали за заштитено внатрешно и надворешно пријавување во институциите во јавниот сектор и заштитено внатрешно пријавување во правните лица во приватниот сектор, а чија примена започна во март 2016 година.

Потенцирајќи дека успехот во борбата против корупцијата зависи, пред се, од органите и институциите кои се задолжени да се справуваат со истата, министерката информира дека во Република Македонија се формирани специјализирани органи и тела за борба против корупцијата.

– Нема компромис кога станува збор за корупцијата – мора да се бориме против неа. Во оваа борба сме поефикасни кога сме обединети. Меѓународната соработка може да помогне во поттикнувањето на волјата за борба против корупцијата и способноста да се бориме со неа, истакна министерката за правда.

Меѓународната конференција „Зајакнување на транспарентноста и одговорноста со цел обезбедување интегритет: Обединети против корупција“ е во организација на Групата на држави на Совет на Европа – ГРЕКО и Министерството за правда на Република Хрватска и се одржува во Шибеник. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...