Прочистувањето на корупцијата е најзначајниот процес во државата, порача министерката за правда Рената Дескоска во денешното обраќање на Осмата сесија на Конференцијата на државите потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (UNCAC).
– Корупцијата претставува закана за демократијата и владеењето на правото. Општествата со силни, независни и непристрасни механизми за борба против корупцијата се општества со значително подобар квалитет на живот. Прочистувањето на корупцијата во општеството е мошне предизвикувачки процес, но тоа е најзначајниот процес во една држава кој води кон подобро образование, здравство, административни услуги, подобар и поеднаков пристап до правда за нашите граѓани – истакна Дескоска.
Во своето обраќање ги наведе постигнувањата на Министерството за правда во насока на зајакнување на антикорупциската рамка и имплементација на препораките на Конвенцијата на ООН против корупција (UNCAC), а како најзначајно постигнување го наведе донесувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
– Како резултат на дискусиите и експертските препораки добиени во рамки на спроведувањето на вториот циклус на преглед на имплементацијата на Конвенцијата, воведена е целосно транспарентна постапка за избор и именување на претседателот и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, во која учествуваат и граѓанскиот сектор, новинарите и медиумите, а утврдени се зајакнати услови кои треба да ги исполнуваат кандидатите за претседател и член на оваа Државна комисија – потенцираше Дескоска.
Со новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер од мај 2019 година, додаде минисерката, се зголемува пристапот до информации, а рокот за добивање одговор е значително скратен.
Како придобивка Дескоска ја наведе и зголемената транспарентност во трошењето на јавните средства, особено преку објава на интернет порталот „Отворени финансии“ со кој јавноста има увид во податоците за реализација на буџетските трансакции.
Министерката истакна дека добрите пракси и предизвици идентификувани од тековниот циклус на преглед на имплементацијата на Конвенцијата ќе ги користиме за аргументирање и предлагање на подобри решенија за превенција и борба против корупцијата, но истите и ќе ни послужат како референца за поддршка во активностите за обезбедување техничка помош.
Дескоска се заблагодари за експертската поддршка која ја обезбедува Канцеларијата на Обединетите Нации против наркотици и криминал (UNODC) и граѓанскиот сектор во унапредување на имплементацијата на одредбите на конвенцијата.
Конференцијата на државите потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата се одржува на секои две години, а целта на одржувањето е проверка на напредокот на државите потписнички на конвенцијата. Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (UNCAC) е дел од македонскиот правен поредок, а нејзината имплементација е предмет на ревизија.