Вчера го пуштивме во собраниска процедура Законот за Јавно обвинителство, закон што треба да биде донесен со двотретинско мнозинство кое се уште го немаме потврдено, но битно е дека на ниво на владина коалиција успеавме да постигнеме согласност за текст што дава целосна одржливост на СЈО, го претвара во траен орган, не нуди никаква скриена амнестија, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска на потпишувањето на Меморандумот за користење на системот за собирање и обратка на податоци з апревенција и репресија на корупцијата и перење пари.
Според неа, согласно новиот закон продолжуваат сите постапки што се почнати пред СЈО и што се во фаза на обвинение или во фаза на истрага или предистрага, со тоа што доказите што се собрани врз основа на овие постапки остануваат валидни.
– Значи ќе бидат користени. Употребата на прислушкуваните материјали е ограничено за оние обвиненија што се покренати во првите 18 месеци. Во консултации со странски експерти и со СЈО, дојдовме до заклучок дека практично во предметите што се отвораат по 18 месеци реално и нема неопходна потреба од користење на аудиоматеријалите како доказ, бидејќи тие се користени како индиција преку кои потоа СЈО доаѓало до други докази што можат задоволително да послужат за докази во судските постапки. Од тие причини нема да има нарушување на квалитетот на водењето на судските постапки ако не се користат во овие постапки овие аудио материјали – рече Дескоска.
Таа објасни дека законот, што вчера беше пратен во собраниска процедура, мина низ широки консултации.
– Ќе бидам среќна ако законот се донесе во оваа форма што го испративме. Правени се консултации со СЈО, со странски експерти и други обвинителства, при што е утврдено дека нема предмет да пропадне заради преодните одредби дадени во законот – рече Дескоска.
Според неа, согласно новиот закон СЈО ќе биде задолжено за корупција кај високи функционери со што ќе се разграничи од постапките што ќе ги води ОЈО за организиран кримнал.
– Факт е дека имаше барања, а тоа го кажав на брифингот во јануари, дека имаше барања да запрат истрагите пред истрагите и потоа тие докази што се прибрани врз основа на индициите од аудиоматеријалите да не бидат користени. Ние ставивме законска одредба во која се што беше прибрано врз основа на материјалите останува валидно и тоа ќе може да се користи. Постапките ќе продолжат, нема да бидат прекинати и нема да почнуваат од почеток – децидна е Дескоска.
Таа објасни дека било разговарано на повеќе нивоа, со различни луѓе, кои се во Парламентот и кои треба да го обезбедат двотретинското мнозинство.
– Навистина имаше отпор за користење на аудиоматеирјалите, но, исто така, имаше и одредени предлози за формулации што на некој начин ќе значат почнување на судските постапки од почеток.Таква опасност со овие одредби нема. Законот е усогласен на ниво на владина коалиција, но и проверен од луѓе кои се стручни, компетентни во областа во која се предлага – рече Дескоска.
На новинарско прашање дали имале консултации со СЈО и дали учествувале во работната група на изготвување на законот, СЈО, како и другите јавни обвинителства беа и формално консултирани и претставени во работната група што го работеше работниот текст.
– Работната група била формирана уште пред јас да влезам во Министерството за правда – кажа министерката.
Потсети дека на почетокот имало две верзии на закон, едната од работната група, а другата изработена и се однесуваше само на СЈО.
– Ги споивме заедно, работната група ги гледаше одредбите, ги слушнавме сите мислења и сите не можат да бидат задоволни. Во делот што се однесува на обвиненијата СЈО немаше забелешки. Секако има други различни одредби во законот кои се однесуваат на материјално работење на сите обвинители на статусот и критериуми за избор. Сите не можете да ги задоволите. Тука се испреплетени интересите. Општиот интерес, одржливоста на судските постапки, тука немавме забелешки, поделбата на надлежностите со обвинителството за организиран криминал. СЈО да се концентира на висока корупција од носители на јавни функции.