Министерката за правда Рената Дескоска очекува дека Унгарија како земја членка на Европската Унија при носењето одлука за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски ќе се води по европските стандарди и конвенции.
– Наше право е да побараме екстрадиција и според меѓународните важечки документи имаме право и да добиеме екстрадиција. Право на унгарските власти е да одлучат на начин кој сметаат дека треба да одлучат, но јас очекувам Влада, која е земја членка на Европската Унија, при носењето одлуки да се води по европските стандарди и конвенции, особено Европската конвенција за екстрадиција којашто сме ја потпишале и ратификувале и ние и Унгарија – изјави Дескоска, одговарајќи на новинарско прашање пред денешната дебата за Предлог-законот за судови.