Дескоска: Очекувам консензус за предлог – законот за високо образование

511

Предлог-законот за високо образование е правен за универзитетите и од универзитетите и затоа очекувам да биде донесен со консензус, им порача министерката Рената Дескоска на учесниците на денешната јавна расправа за текстот на новиот закон, организирана од собраниската Комисија за образование наука и спорт. Учествуваа ректори на јавни и приватни универзитети, декани, професори, студенти, претставници од синдикатите.

Задоволна е, рече, што во неговата подготовка во изминатите девет месеци учествувале сите засегнати страни и сугестиите и забелешките биле вградени во трите верзии на текстот.  Како професор на факултет, рече Дескоска, во изминатите 20 години ги поминала сите скалила  – од демонстратор до редовен професор на Универзитетот и ги видела, како што рече, периодите на неговиот сјај и неговата беда кога универзитетите се претвориле во трафики за дипломи.

– Сум почувствувала што значат демократски односи на универзитетот и можност за развој на слободна мисла, но исто така сум била сведок на она што значи не толку слободни и демократски односи. Сум била сведок на група партизација и упад на власта на универзитетот, сум видела декани и ректори коишто тоа го дозволувале но, исто така, сум била сведок и на декани кои се спротивставувале на таквиот упад, рече Дескоска, додавајќи дека новиот закон треба да биде основа за идниот развој на високото образование, да им се  стави крај на аномалиите и на корпоративниот пристап во образованието.

Начелата во креирање на новиот закон се квалитет на високото образование и автономија на универзитетите. Останува да се изградат критериумите за финансирање што се очекува да ги утврди новото тело предвидено со Предлог–законот – национален совет за образование, наука и истражување во кој две третини од членовите ќе бидат професори, ќе членуваат и студенти и претставници од МАНУ и од бизнис-заедницата.

Според ректорот на Скопскиот универзитет Никола Јанкуловски, во член 15  треба да се избрише можноста со која се враќа целосниот правен субјективитет на факултетите и институтите како единици во состав на Универзитетот.

– Организациската и статусната поставеност на универзитетите во Европа и во светот го одразува концептот на интегриран универзитет, а не обратно. Со давањето својство на правно лице на единиците, законот ја напушта концепцијата за интегриран универзитет според Болоњската декларација што негативно ќе се одрази на мислењето на Европската унија, рече ректорот на УКИМ на јавната расправа.

Забележа и на член 40 и смета дека не треба да се навлегува во содржината на студиските програми и рече тоа треба да им се остави на факултетите со што, рече, ќе се потенцира и нивната автономија.

Го пренесе и ставот на Ректорската управа и Универзитетскиот сенат на УКИМ дека треба да се определи минимална нето-плата. – Три и пол просечни плати за редовен, три просечни плати за вонреден професор и две и пол просечни плати за доцент, односно две просечни плати за асистент, рече Јанкуловски, потенцирајќи дека што побргу треба да се регулира и финансирањето на високото образование.

Ректорот на Штипскиот универзитет Блажо Боев смета дека предлог-законот не е идеален, но е квалитативен исчекор напред зашто во овој момент, како што рече, доволно добро ја артикулира материјата. Како и Јанкуловски, смета дека три месеци е прекраток рок  универзитетите да ги усогласат своите акти со новиот закон и за да има квалитетна регулатива рече потребни им се нанајмалку шест месеци.

Прашањата на изборите на професорите, смета тој, треба да завршат во рамки на годишниот инспекциски надзор. – Мислам дека пет години е долг период зашто во тие пет години професорот ќе потпише многу документи. Мислам дека една година е доволно временски период во кој инспекциските органи би може да ги погледат актите на универзитетите доколку нешто рапидно отскокнува од законот, рече Боев, додавајќи дека тоа би бил голем исчекор во зајакнување на автономијата.

Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ Азиз Положани рече дека треба нов модел на финансирање на високото образование.

– Квалитетот на високото образование е директно поврзан со моделот на финансирање. Високото образование треба да биде што помалку зависно од студентите зашто така паѓа квалитетот, рече Положани повикувајќи на стабилизација во финансирањето со поддршка на Владата и брзо напуштање на постојниот модел во кој, рече, нема квалитет.

Башким Зибери, проректор на Тетовскиот универзитет смета дека во ист дух треба да се донесе и закон за наука и истражување за да се добие целина.  – Минатата Влада потроши 32 милиони евра за лаборатории по разни институции наместо да се направи една централна за цела Македонија.  Од нив немаше никаква полза и не знаеме каде се тие средства, рече Зибери.

Од Младинскиот образовен форум побараа студентскиот правобранител и студентските претставници да се избираат на тајни и непосредни избори, а не по делегатски систем – од Универзитетскиот сенат на предлог на универзитетското студентско собрание.

Претставници  на некои приватни универзитети имаа забелешка и во однос на одредбата право да организираат трет циклус (докторски студии) да имаат само првите седум универзитети рангирани на Шангајската листа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...