Од септември ќе се оди со намалување на бројот на часови во основното образование, најави вечерва министерката за образование и наука Рената Дескоска.
– Од прво до трето одделение бројот на часови ќе биде ограничен на 20, од четврто до шесто на 25, а од седмо до деветто на најмногу 30 часови неделно. Тоа ќе повлече и менување на наставните планови и затоа му наложивме на Бирото за развој на образованието да работи на тоа и веднаш кога ќе стапи законот на сила да понуди нов концепт со намалени часови – рече Дескоска во вечерашната емисија „Топ тема“ на ТВ Телма.
Таа нагласи дека паралелно со намалувањето на фондот на часови за учениците ќе се намали и потребниот фонд на часови за наставниците на 18 до 23 и никој нема да остане без работа. Најави дека ќе се воведе и еден вид на дуално образование во средното стручно образование за кое кажа дека не смее да се третира како образование кое не води кон факултет.
– Не значи дека мораат да останат со средно оние ученици што завршиле стручно образование, напротив ги прави покомпетитивни за запишување на стручните факултети како електро и машински – посочи Дескоска.
Сепак стручните училишта не вадат кадар кој е доволно стручен за да може веднаш да се вработи по завршувањето на училиштето. Затоа, потенцира, ќе формираме еден вид дуално образование кое ќе овозможи три или четири дена учениците да ги поминат во училница, а ден или два во компании.