Дескоска: Нема напредок, законот за ЈО на опозицијата е ретрограден и сталинистички

211

Работните групи на власта и на опозицијата денеска не постигнаа напредок во однос на законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.

Министерката за правда Рената Дексока по средбата изјави дека отвориле точки за кои има крупни разлики со ВМРО-ДПМНЕ и оти не можеле да постигнат напредок.

– Разговаравме претежно за точките кои се разликуваат во нивниот предлог-закон од предлог-законот кој е доставен од Владата во Собранието. За жал одредени решенија кои многу лесно го карактеризираат нивниот закон како ретрограден и сталинистички, беа позиции на кои тие останаа во текот на денешните разговори – рече Дескоска.

Таа информира дека опозицијата бара целосна, строга централизација на системот на Јавното обвинителство која, како што рече, ќе значи јавниот обвинител Јовевски или кој и да биде, да биде човек со чиј мандат ќе бидат врзани мандатите на 27 носители на јавнобвинителската функција во државата. Со престанокот на мандатот на државниот јавен обвинител, а како што посочи, би требало да престане мандатот и на тие 27 лица кои се на чело на јавните овбинителства во државата.

– Тоа е нешто што сметаме дека не е добар концепт, дека носи силна централизација и која ќе значи на некој начин парализирање на целиот систем кога ќе престане мандатот на државниот обвинител – кажа Дескоска.

Таа посочи дека клучни разлики имаат и за прашањето за идниот статус на СЈО, на обвинителите, на вработените и на предметите.

– Според барањето на ВМРО-ДПМНЕ треба да дојде до целосно демонтирање на структурата на СЈО, но и за жал на Обвинителството за организиран криминал. Барањето беше дека треба неизивесна да биде судбината на сите лица кои се вработени во СЈО и во Обвинителството за организиран криминал, и со нивното спојување да не се знае тие лица каде ќе одат. Понатаму тие да се распределуваат, што ќе се одрази негативно врз континуитетот на процесите бидејќи процесот на екипирање оди бавно и тоа ќе доведе и до застареност на одредени случаи – рече Дескоска.

За статусот на предметите што се водат од СЈО во моментов, Дескоска рече дека од опозицијата инсистираат да нема одредба во законот која ќе даде надлежност на новото обвинителство да ги гони предметите од прислушуваните материјали.

На средбата, покрај Дескоска, присуствуваа и советникот на премиерот Зоран Заев, Бојан Маричиќ, пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, адвокатот Панче Тошковски, член на Правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката Соња Мираковска од НСДП.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...