Клучниот проблем којшто го имаме и клучната разлика со ВМРО-ДПМНЕ за Законот за Јавно обвинителство е нивната забелешка со којашто бараат практично да нема надлежност за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации, тоа значи дека директно или индиректно се бара да се отстрани надлежноста на кривични дела којшто беа отпочнати од СЈО, истакна членката на Извршниот одбор на СДСМ и министерка за правда, Рената Дескоска, во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма.
Анализирајќи го процесот на креирање на Законот, Дескоска истакна дека почетна точка во градење на законот биле реформите, односно СЈО како посебен орган во кој не смеат да се мешаат други виши обвинители.
– Видовме дека таа идеја не можевме да ја спроведеме поради ВМРО-ДПМНЕ. Од опозицијата јасно беше кажано дека нема да поддржат ни С од Специјално јавно обвинителство ниту пак некаков посебен концепт на такво обвинителство.Потоа направивме да го нема СЈО, и сите предмети се префрлени во регуларното обвинителство – посочи Дескоска.