Во вечерашното гостување за Телевизија 24, коментирајќи ја денешната прес-конференција на г. Христијан Мицкоски, министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска истакна дека клучниот камен на сопнување стои во точката број девет, односно надлежностите околу гонење на кривични дела коишто се поврзани и произлегуваат од незаконското следење на комуникациите или предметите на СЈО, соопштија од Министерството за правда.
“Сето друго им е ставено колку да извадат повеќе причини за несогласување со цел да ја замаскираат главната цел – клучниот проблем им се предметите на СЈО. Набројуваше различни прашања коишто наоводно им се спорни во законот и почна да цитира одредби коишто ги има и во постојниот закон, што е на сила. Проблемот е во надлежностите околу гонење на кривични дела коишто се поврзани и произлегуваат од незаконското следење на комуникациите – предметите на СЈО, значи сè што значи не само покренати постапки туку и истраги и предистраги. Тука е всушност главниот проблем – тие сега се трансферирани и не сакаат со новиот закон да се признае надлежност на Обвинителството за гонење на огранизиран криминал да продолжи да ги гони. Очигледно е дека ним таа надлежност им пречи“, потенцираше Дескоска.
Министерката истакна дека опозицијата манипулира дека наводно се вдомувале обвинителите од СЈО во организиран криминал.
“Не е точно. Ако сме тргнале да правиме зајакнато Обвинителство за организиаран криминал со зголемени надлежности, треба да му дадете можност да се изберат нови обвинители. Има одредба дека во одреден временски период ќе се прошири бројот на обивнители кои ќе работат во тоа обвинителство. На тој конкурс може да конкурира било кој обвинител што исполнува услови. Воопшто немаме никаде дека се трансферираат обвинителите на СЈО во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Персонални решенија нема во законот, решенијата се принципиелни“, беше децидна Дескоска.
Според министерката Дескоска, ВМРО – ДПМНЕ треба да се соочат со фактот дека трансферот на предметите е завршена работа: “Она што најмногу ме загрижува од целокупниот нивен прес е дека тие бараат целосно да запрат постапките, односно да нема надлежност за гонење на кривични дела коишто произлегуваат и се поврзани со незаконското следење на комуникациите, а тоа е всушност запирање на сите постапки коишто беа покренати од СЈО“, истакна Дескоска.
Таа беше децидна дека во Предлог – законот нема мешање на политичките партии во изборот на обвинители. “Мојот личен став е дека не е добро политички партии да предлагаат обвинители. Сметам дека судството и обвинителството треба да бидат тргнати од рацете на политиката“.
Дескоска истакна дека за време на разговорите на кои учествуваа и лидерите на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, од страна на премиерот Зоран Заев бил даден предлогот да се формираат две обвинителства: едно коешто ќе си ги продолжи постојните случаи од СЈО, а друго коешто ќе гони носители на власта за евентуален криминал со предлог за обвинител од страна на опозицијата. Сепак, ВМРО – ДПМНЕ го одбило предлогот, бидејќи како што вели министерката Дескоска, всушност нивниот интерес за избор на обвинител од опозицијата е врзан со случаите на СЈО.
“Се додека немаме ефикасност во завршување на овие судски постапки, навистина е ризична операција вие да му дадете некому дополнителна можност да ги стопира, забавува или затвора овие случаи без вистинска правна разрешница“, потенцираше Дескоска.
Во однос на гласањето на Законот за Јавното обвинителство, министерката истакна дека Законот за Јавното обвинителство би се донел со осумдесет пратеници, без оглед дали во нив влегува ВМРО – ДПМНЕ или не, но дека би било добро да гласаат и тие поради општествениот консензус за борбата против корупцијата.
Во однос на „Индексот на перцепцијата на корупцијата“, министерката Дескоска истакна дека е очекувано тој да падне кога излегува коруптивен скандал во којшто е врзан човекот којшто бил симбол дека ќе ја врати правдата во државата. “Кога тука имате сомневање за криминал и корупција, јасно е дека ќе има разочарување кај граѓаните и дека перцепцијата ќе падне – природно се очекува од таква ситуација“, истакна Дескоска.