Министерката Рената Дескоска и адвокатот Тони Менкиновски кои ги предводат работните групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за реформските закони денеска попладне во 16 часот ќе ја одржат својата прва средба зад затворени врати.
На првиот состанок на работните групи кои беа договорени на неодамнешната лидерска средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски се очекува да се отворат разговори за амандманите на опозицијата и за нивните забелешки за предлог Законот за јавно обвинителство според кој е предвидено Специјалното јавно обвинителство да се припои кон ОЈО, но како независна единица во јавното обвнителство.
Опозицијата, како што претходно потврди Мицкоски нема ништо против постоењето на специјално обвинителство кое ќе гони корупција и криминал во високите ешалони на власта, но истакна дека поддршка од опозициската партија нема да добие актуелниот тим на СЈО на чело со Катица Јанева. Мицкоски, вели дека не може да поддржи тело кое што го води специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, затоа што тоа е селективно и се користи како алатка против ВМРО-ДПМНЕ.
Како најголема дамка во работењето на обвинителката Јанева, Мицкоски ги посочи наводите за наводни уцени што му биле упатени, откако барал одговор од Јанева зошто е замрзнат имотот на ВМРО – ДПМНЕ. Мицкоски тврди дека Јанева понудила да се одмрзне имотот на партијата, а во замена за таквата услуга побарала поддршка од опозицијата за продолжување на мандатот на СЈО. Опозицискиот лидер потсетува и на барањето обвинителот да се избира на предлог на опозицијата.
Од друга страна, пак, Заев, денеска рече дека за изборот на обвинител одлучува Советот на обвинители. Тој истакна дека преговорите за новиот Закон за јавно обвинителство со кој се решава и судбината на СЈО не се пазар за криминал и дека единствено што му е познато од ставовите на Христијан Мицкоски е тоа дека не му се допаѓа Катица Јанева и нејзиниот тим.
– Кој сум јас и кој е Христијан Мицкоски да кажуваме кои обвинители треба да бидат избрани, а кои не, кога има Совет на јавни обвинители и таму се прави изборот – рече Заев.
Работните групи до крајот на март се очекува да обезбедат поддршка и за другите реформски закони и тоа за Агенција за национална безбедност и за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.