Добро е да се донесе Законот за јавно обвинителство, иако сега веќе не е ургентно, рече министерката за правда Рената Дескоска откако републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески соопшти дека Јавното обвинителство ќе ги преземе во надлежност и натамошно постапување предметите кои ќе му бидат предадени од СЈО.
– На денешната средба немаше нешто со што суштествено се расчисти или се донесе некој посебен заклучок, така што носењето на законот е се уште неизвесно зашто не можеа да се затворат ниту прашања за трансферот на луѓе кои би останале од СЈО, вработените, јавните обвинители – изјави Дескоска по завршувањето на новата средба на работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавното обвинителство за статусот на обвинителите од СЈО и нивните предмети кои не се во судска постапка.
Таа рече дека во моментот веќе не се опција плановите А и Б, туку новата ситуација создала план Ц и ја повика опозицијата да се отрезни од шокот дека за предметите на СЈО ќе има континуитет.
– Се надевам дека емоциите деновиве ќе слегнат и ќе можеме да продолжиме со разговорите од вторник – изјави Дескоска.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, кој е дел од групата за Законот за обвинителство, изјави дека и натаму се далеку од договор со власта.
– Имавме повторно средба на која се дискутираше предлог-законот за обвинителство, и клучните разлики остануваат без заеднички консензус. Имаме цврсти аргументи да понудиме консензус за приваќање квалитетен Закон за обвинителство, но најмногу зависи од политичката волја и од Министерството за правда. Писмата не се самостојна иницијатива на притворената Катица Јанева, се работи за една добро координирана акција меѓу Заев, рекетарката Јанева, министерката за правда, Вилма Рускоска и обвинителот Јовески – рече Милошоски.
Овие обвинувања Дескоска ги оцени како лажна вест и рече дека тие биле затечени од потегот на Јанева.
– Милошоски е човек којшто е извор на лажни вести, така што во овој случај можам слободно со чиста совест да кажам дека е класична лажна вест. Премногу дава комплименти, често пати со своите обвинувања кон нас дека сме мастер мајндови за одредени ситуации, овој пат тоа си било одлука на специјалната јавна обвинителка. Јас, за жал, можам да кажам дека бевме затечени затоа што правевме дополнително консултации овие два дена со правните експерти да видиме како тоа ќе влијае на ситуацијата и на носењето на законот – рече Дескоска.
Во врска со разговорите кои попладнево во Министерството за правда се водеа со правните експерти, министерката вели дека мнозинството од работната група, во врска со новонастанатата ситуација, било на став предметите да ги преземе ЈО.
За изјавата на универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, што ја даде по состанокот, дека „Отприлика ни е јасно дека е донесена одлука да згасне СЈО без да видиме која е вистинската причина за тоа“, министерката вели дека Калајџиев бил осамен во ставовите.
Поради скратените рокови Законот за Јавно обвинителство се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на земјава.