На синоќешната седница на владата поминале законот за јавното обвинителство и законот за Совет на јавни обвинители и станува збор само за технички грешки а, не за менување на текстовите на законите, изјави министерката за правда Рената Дескоска на прес-конференција во Собранието во очекување на почетокот на собраниската седница.
Таа објасни дека на текстот на Законот за ЈО имало укажување од министерката за финансии, за сумата која ќе се одвојува за обвинителството и од Секретаријатот за законодавство, дека ќе има правна дупка, па со тие измени, владата го усвоила предлог текстот со два гласа против, од членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– За Законот за Совет на јавни обвинители имаше повеќе барања од неколку министри. Дел беа прифатени, дел не беа прифатени. Со оглед на тоа што во новиот Закон за ЈО има специфична процедура за избор на обвинител за организиран криминал и корупција, се побара и да се стави правило за избор на обвинтиелите, внатре во организиран криминал со Бадентерово мнозинство и тоа беше прифатено вчера. За ова што го зборувам има и стенограми и сведоци. Текстовите кога се средувале од стручните служби се направени технички грешки и кога согледавме дека има проблем, беше испратен допис во текот на денешниот ден, кој бил примен околу 16 часот во Собранието. По 16 часот не се правени координации меѓу претседателот на Собранието, јас, претседателот Заев и слично – рече Дескоска.
Според Дескоска, ВМРО-ДПМНЕ прават обиди да се одложи седницата за да не се донесе законот за ЈО.
Таа додаде дека во брзање за да се стасаат роковите за поднесување на законот се направиле грешки. Во текстот кој бил испратен недостасувал делот за Законот за јазиците и за Бадентеровото мнозинство, како и предлогот на министерката за финансии, Нина Ангеловска, а кој се однесува на делот за буџетирање на обвинителството.