Десетина скопјани вчера колабирале на јавни места, кога температурата во главниот град достигна 38 степени Целзиусови, по што им била укажана итна медицинска помош од Службата. Лекарите предупредуваат – никако не излегувајте од изладена просторија директно надвор на плус 40 – бидејќи може да се добие инфаркт или мозочен удар.
Постара скопјанка вчера се онесвестила пред продавница во Лептокарија, а имало и граѓани кои колабирале при влез во банка, на пазар и на други јавни места. Во Брза помош на „194“ вчера се јавиле над 100 граѓани, а со интервенција на терен екипите одговориле на помалку од 100 повици.
– На овие тропски температури граѓаните никако нагло да не излегуваат или влегуваат од топло на студено, во климатизирана просторија и обратно, од изладена соба директно надвор, на плус 40 степени. Мора да се дозволи организмот да се прилагоди, а не да се излегува од 18 степени директно на плус 40, ова особено важи при влез и излез од возилата, каде климата не смее да се пушта на најсилно. При нагла промена во температурите може да дојде до нагло стегање на крвните садови и да се случат цереброваскуларни и кардиоваскуларни испади, односно да се добие инфаркт или мозочен удар. Требаат барем 5 до 10 минути за организмот да се привикне, да не биде промената нагла – советува д-р Весна Неделковска, шеф на смена во Службата за итна медицинска помош во Скопје.
Таа нагласува дека разликата во температурите не би требало да е поголема од 10 степени, за да има што помалку вакви несакани случки, како колапси, мозочни или срцеви удари.
Да потсетиме, граѓаните за здравствени совети може да се јавуваат и на „Ало докторе“ на телефонот 02/15 123.