Деркоски: Воведуваме побрз трансфер на резултатот од избирачките места со новите технологии

ДИК ќе направи сè за успешен изборен ден, но тоа е потребно и од останатите учесници, вели Деркоски

238

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски, ги повика сите учесници на изборите да обезбедат фер и демократски изборен процес, со почитување на Уставот и законите. Во интервју за МИА тој вели дека Комисијата ќе направи сè изборниот ден да биде успешен, но оти тоа треба да го направат и останатите учесници. Вели дека бројката на запишани избирачи во избирачкиот список е реална и оти секој кој има државјанство, а е постар од 18 години мора да биде на тој список. Според податоци на МВР, потенцира, има над 2,5 милиони државјани.

Тој најавува дека првичните неофицијални резултати од самите избирачки места ќе бидат објавувани побрзо преку сликање на записниците, кои потоа со заштитени кодови ќе бидат испратени до Комисијата.

Верува дека цензусот во вториот круг ќе биде исполнет и ќе биде избран претседател на Републиката, но посочува дека доколку тоа не се случи, Комисијата е подготвена да организира нови избори. Времето на одржување, вели Деркоски, го одредува претседателот на Собранието, кој треба да ги распише изборите, но потенцира дека ниту Уставот ниту законите не се прецизни кој е во периодот во кој тоа треба да се направи. Освен оваа недореченост, според Деркоски, има и други недоречености што се однесуваат на изборниот процес и затоа, според него, потребно е донесување нов изборен законик со кој ќе се расчистат.

Вели дека има неколку новини за овие избори во однос на овозможувањето гласање на лицата со попреченост, меѓу кои и монтирање пристапни рампи, бидејќи најчеста забелешка во извештаите од ОБСЕ и ОДИХР била непристапноста на гласачките места.

Утре треба да се одржи првиот круг од претседателските избори и предвремените локални во три општини. Дали Државната изборна комисија е подготвена да организира фер и демократски избори, кои, покрај другите, се еден од предусловите за добивање датум за членство во Европската Унија?

Сите членови на ДИК со дел од службите во четвртокот бевме во Битола, во печатницата „Киро Дандаро“, каде што се изврши увид и со записник се констатира состојбата со доверливиот материјал, гласачките ливчиња, избирачките списоци и потоа во текот на вчерашниот ден се изврши дистрибуција на гласачкиот материјал до сите општински изборни комисии, онака како што е предвидено со нашиот роковник и со Изборниот законик. Задоволен сум од она што во изминатиот период го сработивме како ДИК, иако имавме мали технички проблеми во ИТ-секторот што го поминавме и тоа нема некакво влијание на другиот дел на организација на процесот на изборите.

Единствено што останува е, да повторам, нашиот апел до сите учесници во оваа кампања, утрешниот изборен ден да мине во мирна, фер и коректна атмосфера. На крајот на денот нека победи подобриот, оној за кој граѓаните ќе се одлучат, се разбира во првиот круг и потоа да одиме во вториот круг, за да може и ние во ДИК да бидеме задоволни, меѓутоа да бидат задоволни и граѓаните со овој изборен процес, а се разбира и оние кои го набљудуваат овој процес од страна и од внатре и да дадат позитивна оценка за целиот процес.

Воведовте новина, апликација за побрз трансфер на резултатите од избирачките места до ДИК. Што треба тој да овозможи?

Воведуваме побрз трансфер на резултатот од самите избирачки места користејќи ги новите технологии, сè со цел и да превенираме одредени несакани последици во транспортот на гласачкиот материјал до Општинската изборна комисија, меѓутоа и да ја надминеме постојаната забелешка до ДИК дека многу бавно ги објавуваме резултатите.

Што би значело тоа во однос на времето на објавување?

Гласачки места кои имаат 50 гласачи на избирачкиот список веќе некаде 7:15 и 7:20  вечерта ќе може да испратат слика од записникот бр. 16 А за сумирање и утврдување на резултатот до ДИК и ние веднаш ќе можеме да го дигнеме тој резултат на екран преку нашиот систем. Нашите оператори ќе ги внесуваат. Како стигаат, така ќе ги гледате сите вие, јавноста ќе ги гледа и на тој начин тие како првични неофицијални резултати ќе можат граѓаните да ги видат и да го следат целиот процес навремено.

Честопати во јавноста провејуваше мислење дека е нелогична бројката од над 1,8 милион гласачи запишани во избирачкиот список. Може ли да се појасни на што се должи оваа бројка?

Тоа е така затоа што многупати јас сум кажал дека бројот на жители не е мерило за бројот на гласачи во избирачкиот список затоа што во него се запишани сите државјани на нашата држава, што значи оној кој наполнил 18 години и има државјанство на Република Македонија се наоѓа на избирачкиот список. Според информации од МВР, има нешто помалку од 2,5 милиони државјанства, што значи кога ќе ги одземете од таа бројка малолетните граѓани јасно е дека бројката е толку, некаде 1.808.101 гласач. Никогаш и никаде во светот бројот на гласачи запишани во избирачкиот список не соодејствува со бројот на постојаните жители во државата.

Има многу примери во светот за тоа и не треба тоа да ги буни граѓаните и не треба да се користи од страна на кандидатите во кампањата за политички цели како аргумент за или против. Избирачкиот список е материја што е жива, треба постојано да се прочистува, да се надградува. Постојано има промени на личните податоци на граѓаните, преселби од едно на друго место, менување адреси, менување брачен статус… и граѓаните треба да сфатат дека тие промени треба самите да ги пријават за да можат да бидат на избирачки список.

Пред почетокот на оваа кампања, ние по информации од МВР имавме сознанија дека има околу 5.000 неподигнати изготвени документи во МВР. Ако не ги подигнете вашите документи за кои сте аплицирале во МВР, нема да бидете на избирачки список. Значи не може некој насила да ве натера да го подигнете документот и насила „екс официо“ да ве запише на избирачкиот список. Тоа мора да го сфатат граѓаните. По нашите апели, дел од тие документи беа подигнати, па граѓаните беа запишани. Јавниот увид траеше 20 дена и граѓаните можеа да се пријават доколку имале какви било забелешки. Сè што стигна кај нас го обработивме со помош на Државниот завод за статистика и на крајот го заклучивме избирачкиот список. Мора да има критичен датум кога ќе се направи пресек за да може и ние како комисија да го заклучиме избирачкиот список и да ги обработиме другите дејства што се потребни за организација на овој процес за да може тој успешно да се заврши.

Значи може да констатираме дека избирачкиот список е прочистен, дека е во ред?

Генерално сме задоволни од состојбата на избирачкиот список, иако секогаш ќе има простор за одредени недостатоци, меѓутоа генерално да.

Доколку нема цензус во вториот круг од претседателските избори, дали ДИК е подготвена да организира веднаш нови и кој е периодот во кој треба да се организираат?

Таа одлука ја носи претседателот на Собранието и во одлуката треба да го определи и рокот, затоа што ниту во Изборниот законик ниту во Уставот нема јасни и прецизни одредби. Ќе мора да почекаме. Доколку хипотетички се случи таква ситуација, јас се надевам дека нема да се случи, во тој случај претседателот на Собранието ќе го определи начинот на кој ќе се одвиваат евентуални такви нови избори и временскиот период кога ќе се одвиваат. Тоа може да бидат наредниот ден од нашето официјално соопштување на резултатите, може да биде и подоцна, затоа што, за жал, такви се непрецизни нашите законски одредби. Меѓутоа, јас пак ќе кажам, мислам дека нема да има потреба од тоа.

Освен оваа непрецизност, има ли непрецизности или недоречености што се однесуваат на изборниот процес и како да се надминат?

Изборниот законик е донесен во 2006 година. Од неговото донесување до овој момент има претрпено 30 измени. Самиот тој факт кажува дека итно ни е потребен нов изборен законик. Тие 30 измени многу често доведуваат до меѓусебна колизија во самите норми во Изборниот законик и создават проблеми при практичната имплементација и организација на изборите, не само на ДИК туку и на сите учесници во процесот. И јас повеќепати сум апелирал и сега ја користам оваа можност веднаш по овие избори да се седне, да се изготви ново законско решение, кое ќе ги опфати сите недоречености, ќе ги прецизира сите ситуации. Исто така, има доста ситуации што се непотребно внесени во сегашниот Изборен законик и тие треба да се отфрлат затоа што нам ни треба добро срочен законик што нема да прави никакви проблеми при неговата имплементација.

Дали освен овие недоречености се сретнавте и со други проблеми при организацијата на изборите?

Од организациски аспект ние немаме проблеми затоа што ги спроведуваме навреме нашите зацртани и планирани активности. Имаме неколку новини за овие избори во однос на лицата со попреченост. Вршиме набавка на одреден број пристапни рампи и апаратура што ќе им овозможи полесен пристап до одредени гласачки места, затоа што најчеста забелешка во извештаите од ОБСЕ и ОДИХР е непристапноста на гласачките места, кои не се во сопственост на ДИК, туку на различни институции. Затоа од тие причини вршиме набавка на монтажни елементи за рампи што ќе може по завршувањето на гласањето да ги собереме, да ги чуваме за наредниот процес. Исто така, овозможивме гласање во два старски дома во Скопје. Можеби нема многу лица да гласаат, станува збор за околу 80 гласачи, меѓутоа  е добро за наредниот период да се организира гласање во сите старски домови, затоа што во нив се сместени над две илјади лица.

Се забележува намален интерес на пријавени за гласање во дијаспората. На што се должи тоа и има ли можност да се организира на поинаков начин?

Јасно е дека е многу намален интересот. Има повеќе причини за тоа, самата политичка ситуација, настаните што се случуваат, меѓутоа и една од поважните причини за намалениот интерес на дијаспората се трошоците што треба да ги направат нашите граѓани за дојдат до гласачкото место, затоа што треба да патуваат 500, 1.000 километри за да дојдат до некое дипломатско конзуларно претставништво каде што се гласа. Во иднина треба да се размисли, не да се одземе правото на глас на дијаспората, тоа треба да остане, затоа што ние имаме голема дијаспора, важна за нас и еднаш дадено право тешко е да се одземе и не би било добро, туку да се најдат нови модалитети како тоа да се прави. Дали тоа ќе биде електронско гласање, комбиниран пристап, по пошта… сите можности треба да се разгледаат. Има држави што на денот на гласање организираат конзуларни денови онаму поголема концентрација на граѓани, па таму отвораат гласачко место и тогаш е поголем бројот на луѓе коишто гласат. Мислам дека треба да се искомбинираат повеќе модели за да може да им се овозможи на овие луѓе да си го остварат правото на глас.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...