Депонијата „Дрисла“ уште некој месец ќе загадува, новиот концесионер ќе се знае по претседателските избори

Додека не се избере нов концесионер Град Скопје ќе го преземе управувањето со Јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад „Дрисла“ – Скопје.

359

Советот на Град Скопје ја прекина денешната седница на која требаше да биде избран новиот концесионер во јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад „Дрисла“. Продолжението на седницата ќе се одржи по претседателките избори за да се запазат законските процедури.

На почетната расправа по прашањето денеска градоначалникот Петре Шилегов рече дека во изминатиот период внимателно била анализирана состојбата со „Дрисла“.

– Извршивме увид во целосната постапка од нејзиното започнување, па се до последната судска пресуда. Предмет на анализа беа процесите, постапките и евалуациите кои биле вршени, при што се пронајдени сериозни аномалии – рече Шилегов.

Тој додаде дека советниците треба да гласаат за Конзорциумот предводен од „SCHOLZ AG“ за партнер во „Дрисла“.

– Спремен сум кога ќе се отвори дебатата целосно да ја објаснам анализата, за тоа каде се направени грешки во минатиот процес и евалуациите, како и зошто е заглавен целиот процес онолку колку што е. Она што е извесно е дека конечно Градот Скопје ќе добие капацитет и депонија како што доликува, а пред се капацитет којшто ќе остварува приходи. Сакам процесот целосно да го извадиме од правните контроверзи коишто го следат од самиот почеток – рече Шилегов.

Тој додаде дека веќе е даден налог на службите за раскинување на договорот со конзорциумот FCL AMBIENTE SRL и UNIECO SCC COOP од Република Италија, како и дека во периодот додека не се избере нов концесионер Град Скопје ќе го преземе управувањето со Јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад „Дрисла“ – Скопје.

Како што е најавано, компанијата „Шолц“, доколку го добие тендерот, ќе формира конзорциум со хрватската фирма „Ц.И.О.С. доо“ и со македонската, „Сплендор мак“.

По изборот на концесионерот ќе бидат соопштени и критериумите под кои тој ќе управува со депонијата „Дрисла“.

Мината недела Комисијата формирана од градоначалникот Петре Шилегов ги бодираше трите фирми кои се јавија на тендерот: италијанската „ФЦЛ Амбиенте“, германската „Шолц“ и австриската „АСА“. Најдобро рангирана е германската „Шолц“.

„Шолц“ од 2016 година е во целосна сопственост на „Чихо Енвајрментал Груп“, една од најголемите кинески компании за рециклирање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...