На 26 јули, на 55-годишнината од скопскиот земјотрес, ќе биде промовирана поетска антологија „Ден судбоносен – 26 јули 1963“ приредена од новинарите и публицисти Свето Стаменов и Искра Чоловиќ и писателот и универзитетски професор Васил Тоциновски.
Антологијата содржи 182 песни на деведесетина поети од речиси сите страни на светот кои преку нив ги искажуваат својата болка и тага за катастрофата на Скопје и надежта дека градот повторно како феникс ќе се крене од пепелта и урнатините.
Меѓу македонските поети застапени се: Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Лазо Каровски, Љупчо Стојменски, Томе Арсовски, Евгенија Шуплинова, Бистрица Миркуловска, Цане Андреевски, Иван Чаповски, Влада Урошевиќ, Драгица Најческа, Славка Арсова… па до најновата генерација македонски поети, од кои некои своите песни ги напишале специјално за оваа антологија. Од поетите од странство, меѓу другите, застапени се: Јеврем Брковиќ, Јуре Каштелан, Славко Михалиќ, Кристине Буста, Иван В. Лалиќ, Јон Хореа, Елио Филипо Акрока, Луси Албертини, Алберто Баеса Флорес…
Во антологијата првпат на македонски јазик интегрално е објавена и збирката „Урнатини” на филозофот и поет Павао Вук-Павловиќ, еден од втемелувачите на катедрата по филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Како што наведуваат приредувачите на антологијата, скопскиот земјотрес му бил главен мотив на Вук-Павловиќ на својот мајчин хрватски јазик да ги напише антологиските 33 скопски сонети кои во 1964 година се појавија под наслов „Развалине”, а пет децении подоцна беа препеани на македонски од универзитетскиот професор Кирил Темков.
Во прилогот насловен „Скопскиот земјотрес и музиката“, пак, првпат на едно место се собрани текстовите на песните што за земјотресот во Скопје ги испеаја легендите на македонската народна музика Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски и сестрите Мавровски.