Не дека кампањата не започна уште одамна, дури и пред да се распишат претседателските избори на 8 февруари, не дека се кршеа законите и демократските стандарди и во неделите зад нас, а политиката уште еднаш покажа дека не оди заедно со етиката, ама од денеска, ќе нѐ зафати силно политичко невреме.
Симболично, кампањата за претседателските избори започнува на денот на шегата, на англиски, Fools Day (на македонски: Ден на будалите). Единствениот убав момент на овој ден, според Изборниот законик означен и како почеток на кампањата (инаку започната одамна, нели?), се децата маскирани како принцези, бетмени, супермени, диносауруси…
Сѐ друго, поврзано со овој ден, ќе означи почеток на лаги, манипулации и омраза. И нема да трае само еден ден, туку ќе се оди докрај со очајот. Во валканата битка за претседателскиот трон ќе се впрегне секој и најбезначаен солдат, вооружен со стрелите намачкани со отровот подготвен во партиските лаборатории.
На партиските машинерии им се обезбедени пари од буџетот (наши заеднички пари), ама на некои (вемеро, за другите не сум слушнал сѐ уште) тоа им е недоволно, па излегоа со повик за приватни донации. Бараат пари, трошат пари ко луди, а за возврат ни даваат само отрови. И денеска, ќе започне истурањето на отровот. Низ Македонија веќе одамна се раздвижени кловновите на радикалната политичка сцена, амнестирани за делата на 27 април, агилните змии отровници на можеби најдеструктивната криминално-политичка структура на Балканот и пошироко. Огромни бранови од омраза веќе со месеци го преплавуваат Фејсбук и Твитер, а лумпен порталите ги следат во чекор, па и се натпреваруваат со гнасотиите што ги споделуваат неписмените партиски тролови.
Во таа црна пропагандна булумента, сепак, анти-шампиони се новинари и уредници во дел од медиумите со милионски буџети. Сега можеме да очекуваме дека овие мизерни спин доктори и перверзни архитекти на лагата (лажните вести) ќе ги удвојат напорите да го гмечат и препарираат човечкиот материјал на оваа кутра земја.
И повторно, овие избори се „најважните“, „најисториските“, „судбоносните“, „пресудните“… Повторно, нема никаква важност функцијата претседател, туку сѐ друго, само искривено до непрепознатливост. Овие избори, претседателски, ќе овозможат услови неколку политички фигури дополнително да изгубат од својата моќ. Други да се издигнат од сенката. Некои ќе дојдат самиот раб на бездната, па ќе извлечат некој ас од ракавот (видео снимка, прислушуван разговор, скен од документ…) и ќе се извлечат и брзо, како молња, ќе се устремат кон небото на моќта.
Други ќе го допрат дното, но удобно ќе се сместат таму, во политичка пензија, со многу украдени пари. Нови нема да има, бидејќи такво е политческото устројство македонско, играта ја водат малку луѓе во името на многуте за кои пет пари не даваат. Со чесни исклучоци, се разбира. Сега некој иронично ќе помисли – „Добро, де, знаеме на кои исклучоци мислиш!“
Но, изненадувањата допрва следат за сите, онака како што и јас непријатно се изненадувам и разочарувам речиси секојдневно. Затоа, имајте предвид дека секогаш оставам простор да симнувам имиња од кратката листа на чесните исклучоци…
Сето време се игра на работ од бездната, сето време со крајно арогантно обезвреднување на сѐ што е македонски државен, политички, општествен интерес! Уништи го непријателот, зграпчи што е можно повеќе од пленот (човечки материјал), па после ќе му ја мислиме на државата, ако нешто остане од неа… Впрочем, како што е случај во секоја игра на троновите.
Како и да е, кампањата за претседателските избори ќе биде силно зачинета со последиците од црната кампања за време на референдумот минатата година, ќе го засили национал-шовинизмот, верската омраза, манипулациите, спиновите и лагите… да му се згади на човек.
Во овој период е најдобро човек да се качи на некој ментален рид, па од високо да ги гледа ордите вооружени со боздогани, секири и стрели како се тепаат околу празниот трон на средината од боиштето. Колку ќе биде можно тоа, ќе видиме уште во текот на Денот на будалите.