И вртоглавици и главоболки, но и појава на гадење и нагони за повраќање, кои многу скопјани ги чувствуваат деновиве се од големата температурна разлика, која, по малку е зачудувачки, но влијае кај сите, а не само кај метеопатите. Освен возрасните, на овие симптоми, може да се пожалат и децата, велат лекарите.
Родителите да не мислат дека децата се поштедени од овие влијанија или дека ако се пожалат на главоболка, можеби блефираат.
Лекарите од скопската Служба за итна медицинска помош објаснуваат какви сѐ промени во здравствената состојба кај граѓаните може да предизвика променливото време.
– Изминативе денови имаме невообичаено високи дневни температури, а навистина е голема разликата наутро и преку денот – ноќе тие се спуштаат и до минус 4 степени Целизусови, а дење се искачуваат и до плус 20 степени. Тоа е над 20 степени разлика, што е многу, па од сета таа промена може да се јавуваат главоболки, вртоглавица, изнемоштеност, но и нагони за повраќање и гадење. Специфично е што овие симптоми се јавуваат кај целата популација, а не само кај метеопатите. Сакам да нагласам дека и децата деновиве имаат главоболки и тоа од истите причини, од големите температурни разлики. Кај помалите е карактеристично тоа што овие симптоми најчесто се јавуваат попладне и траат од еден до три-четири часа – вели д-р Маргарета Трипуновска, шеф на смена во Службата за итна медицинска помош во Скопје.
Оваа служба деновиве има по стотина интервенции и до 3-4 пати повеќе повици од граѓаните.
– Освен со променливото време, тегобите што се јавуваат кај граѓаните се поврзани и со несоодветен режим на одмор, со недоволен внес на течности – поголема е потребата за течности, а не сме доволно прилагодени на промената, па не пиеме доволно вода. И сето тоа доведува и до главоболка. А промените на воздушниот притисок доведуваат до промена и на вредностите на крвниот притисок кај луѓето, па деновиве имаме и зголемен број на такви пациенти, со притисок над нормалните вредности. Но кај дел од граѓаните, најчесто поради недоволно хидрирање на организмот во услови на нагло затоплување, се случува и паѓање на притисокот – појаснува д-р Трипуновска.
А за тоа зошто ни се јавуваат вртоглавици и чувство на гадење, од Брза помош велат:
– Вртоглавица се јавува поради покачување на надворешните температури, тоа е вообичаен симптом, а причина е и варијација во крвниот притисок и промените на температурата. Важно е да се знае дека вртоглавица не е болест туку симптом – тоа е кога чувствуваме вртење во главата и лулање, а таа е поврзана и со нагон на повраќање. Исто така, може да се појави и гледање т.н. „дупли слики“ и притисок во ушите, а овие симптоми во вакви случаи не укажуваат на појава на мозочен удар – вели д-р Трипуновска, која нагласува дека ако вртоглавицата трае повеќе од два-три дена, секако треба да се побара лекарска помош.
И посериозни, но за жал и фатални состојби по здравјето, може да се јават во овој период.
– И мозочните удари се зачестени во овие денови, имаме повеќе пациенти со мозочни крварења, а зголемувањето на температурите доведе до тоа граѓаните повеќе да се движат, па зголемен е и бројот на сообраќајки во градот. Сите тие симптоми, вртоглавици, но и појава на зголемен притисок, може да се јавуваат и кај возачите и се случуваат почесто сообраќајни незгоди – додава д-р Трипуновска.
За тоа до кога ќе нѐ мачат овие симптоми, таа вели:
– Сѐ додека не се стабилизира времето и организмот не се прилагоди, а тоа е кога ќе имаме релативно константни надворешни температури, со не толку голема разлика од 20 степени. Со стабилизирање на температурите, ќе дојде и до смирување на симптомите кај луѓето.