Специјалниот совет на Вишиот суд во Подгорица денеска ќе изрече пресуда на обвинетите за „државен удар“, меѓу кои и лидерите на опозицискиот Демократски фронт.
Судењето за обид за тероризам на денот на парламентарните избори на 16 октомври 2016 година, во подгоричкиот Виш суд почна на 6 септември 2017 година, а заврши на 28 март оваа година.
На групата руски и српски државјани, заедно со шефовите на црногорскиот опозициски Демократски фронт (ДФ), Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, ќе им биде изречена пресуда за обвинувањата дека ноќта на последните парламентарни избори во Црна Гора, планирале упад во Собранието, апсење или ликвидација на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ и насилна смена на власта, со цел да се спречи влезот на Црна Гора во НАТО. Судењето трае преку една ипол година и е прво во историјата на Црна Гора директно пренесувано на телевизија.
Сите се обвинети и за создавање криминална организација.
Кнежевиќ, како што пренесуваат подгоричке „Вијести“ очекува во случај на осудувачка пресуда да бидат уапсени уште денеска.
– Од налогодавачите за пресудата можеме да очекуваме исклучиво продолжување на пресметката со нас, што вклучува апсење на денот на изрекување на затворската казна. Во таа насока преземавме нужни мерки за самоодбрана. Подготвени сме заедно со нашите најверни луѓе да пружиме секаков вид отпор во случај на апсење – истакна Кнежевиќ.
ФОТО: EPA / BORIS PEJOVIC