Денеска се чека потписот на Коѕијас, утре писмата патуваат за ЕУ и НАТО

190

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас за денеска најави дека ќе ги потпише, а утре наутро ќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО, дека Грција нема да се противи за европска и евро-атлантска интеграција на Македонија, што е исполнување на нејзинот дел од обврските од Договорот за решавање на спорот за името.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас говорејќи пред новинарите на крајот од конференција на грчкиот остров Родос во петокот, потврди дека ја добил нотата од македонското МНР дека Договорот е ратификуван.

– Во мојата дипломатска канцеларија ги имаме од завчера подготвени писмата. Одбрав да ги потпишам самиот во Брисел во недела за во понеделник наутро да се достават до Европската унија и НАТО. Тоа се писма кои велат дека бев известен од другата страна за ратификацијата на Договорот во Собранието и дека врз основа на обврските и предусловите кои ги имам поставено, може да продолжат напред – рече Коѕијас.

Тој објасни дека за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“, бидејќи, како што рече, има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

– Нема да биде добро да се случи такво нешто – коментираше шефот на грчката дипломатија и објасни дека проширувањето на ЕУ со Македонија и Албанија ќе се разгледува во понеделник наутро.

Никос Коѕијас ги спомена и земјите кои беа против интеграција на Македонија и Албанија во ЕУ, и рече дека „во меѓувреме, три од петте земји, односно Луксембург, Данска и Германија отстапија од оваа група, веќе немаат цврсти противења, но остануваат Холандија и Франција“.

Во меѓувреме, и Холандскиот Парламент одлучи да даде зелено светло Македонија да почне преговори со Европската унија. Премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека очекува по демонстрираниот, како што вели, европски манир од македонска страна, поддршка за пристапни преговори да стигне од сите земји – членки на ЕУ, па и од Франција, која заедно со Холандија важат за силни противници на проширувањето со инсистирање прво да се спроведат реформи во самата Унија.

– Јас се надевам дека ќе омекне и срцето на претседателот на Франција, Макрон. Ги разбирам внатрешните дебати кои се отвораат во Франција, но Франција е наш голем пријател. Ако Германија, Франција, Велика Британија, Италија и други земји одат напред, тогаш и Европа ќе се движи напред, а мотивацијата на нашите граѓани ќе биде уште поголема – изјави Заев петокот на новинарско прашање по стартот на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка.

Советот на ЕУ за општи работи утре и во вторник ќе разгледува почеток на пристапни преговори на Албанија и на Македонија, а во четврток и петок е состанокот на шефови на држави и влади на членките на Унијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...