Денеска ми е срам и одам со наведната глава

Како читател на критичките и инспиративни написи на Ивор Мицковски на Фејсбук, често пренесувани и во други медиуми, велам дека тие наложуваат силна потреба тој да биде сочуван како еден од водечките и доследни критичари на власта, а и да добие сатисфакција за својот труд.

10526

Лесно е да се критикува актуелната власт од позиции на блискост со опозициските партии, или, евентуално, поради клиентилистички врски со луѓе и структури што владата на Зоран Заев ја сметаат за свој непријател. Лесно е да се критикува по налог. За пари. Понекогаш и за големи пари. Лесно е и просто, затоа што критичарот тогаш јава на бранот на сопствените емоции, а и јавноста лесно ја препознава таквата афилираност и ја наградува со аплауз, или ја отфрла со презир.

Малку потешко е да се биде критичар на власта без таков примарен мотив. Едноставно, има луѓе што перформансите на секоја власт (така и на оваа) ги оценуваат објективно и ладнокрвно дури. Како што лекар мери температура или крвен притисок на пациентот пример – тој што мери нема емоции, нема посебни очекувања или надежи, неговата работа е да ги види бројките, да ги соопшти и да донесе суд. Ни повеќе, ни помалку.

Најтешко, сепак, е да се критикува оваа власт, ако си човек со минат труд на некаков борец против режимот на Груевски, ако со години си носел некоја од веќе подзаборавените етикети „предавник“, „платеник“, „изрод“ и слични на нив, што бескрупулозната пропаганда на тој фашистички режим им ги лепеше на своите критичари, откако претходно јавно ќе ги исплукаше. Најтешко е, бидејќи острицата треба да се насочи кон луѓе со кои некогаш си воспоставил природни „сојузнички“ релации и пријателски чувства, а критиката треба да биде тврда, напати неумерена, но издржана, а целиот тој тежок потфат не смее да има клиентилистичка, корупциска или некаква друга социопатолошка димензија.

Такви искрени и доследни критичари на власта, за жал, има малку. А власта не знае да ги цени и тие повторно доживуваат слични пропагандистички шиканирања, токму како и за време на режимот на Никола Груевски, од страна на апологетите на новата власт. Претенциозно и можеби и незаслужено, јас и себеси се вбројувам во таа мала група луѓе и верувајте, знам што зборувам. А во едно сум сигурен – Ивор Мицковски е таков критичар на власта. И затоа, жал ми е што телевизија Телма го изгуби од својата редакција.

Освен што сум сигурен дека не било на негова иницијатива, не сакам да судам за причините и за околностите поради кои прекинал ангажманот на Мицковски во Телма. Мојот колега Атанас Кировски ме убедува дека Мицковски не бил „избркан“, како што напишав на Фејсбук, па еве, ќе речам дека јас сакам да му верувам. А и не е мое да се мешам во туѓа работа. Зборувам како читател на критичките и инспиративни написи на Мицковски на Фејсбук, често пренесувани и во други медиуми. Тие наложуваат силна потреба тој да биде сочуван како еден од водечките и доследни критичари на власта, а и да добие сатисфакција за својот труд.

Пред неколку години, кога некаде во втората година од своето постоење „Слободен печат“ се соочуваше со многу сериозни финансиски тешкотии, сопствениците од мене, како главен уредник, побараа да го скратам редакцискиот тим. Во тоа време, скромно хонорирани колумнисти во весникот беа Бранко Тричковски и сега покојниот Васил Мицковски, таткото на Ивор. Меѓу другото, бев принуден да избирам меѓу еден од нив двајцата. Васко, со кого бевме колеги уште во скопската рубрика на „Нова Македонија“, ми го олесни изборот и го „проголта“ и мојот срам. Сепак, мене ми е криво што работите тогаш добија таков тек. Ви го кажувам ова, за да ве уверам дека за еден уредник и за еден добар тим, секогаш е многу тешко кога губи добар автор. И секогаш е добро тој што одлучува да стори сѐ што е можно да се избегне најлошото – не само заради авторот и неговата егзистенција, туку и заради сопствениот интегритет.

Моето чувство, а верувам и чувството на многу читатели, по веста дека Ивор Мицковски веќе не е дел од тимот на Телма, дури без оглед на фактот што таму тој и не бил ангажиран како коментатор туку како деск едитор, сепак е – срам. Ги молам колегите од Телма да не ми се лутат, бидејќи јас од нив не барам да го споделат тоа чувство. Не. Секој со својот ум, со своите чувства, со своите аргументи. Само сакам да кажам дека јас лично се чувствувам погоден и засрамен и дека денеска одам со наведната глава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...