Денеска лидерска средба за референдумот

150

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ги покани на средба денеска во 18 часот во Клубот на пратениците лидерите на политичките партии со повеќе од еден пратеник во Собранието.

Се очекува на средбата да стане збор за надминување на разликите со опозицијата околу подготовките на референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи наесен.

– Заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци, на оваа средба во формат 1+1 (лидерот на партијата плус уште еден претставник на политичката партија), се поканети партиите со повеќе од еден пратеник во Собранието на Република Македонија, наведоа во соопштението од Владата.

Според најавеното, поканети на средба се лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на двете крила на Беса Билал Касами и Африм Гаши, на ДОМ Лилјана Поповска, на ДПА Мендух Тачи, на Алијанса за Албанците Зијадин Села, на ЛДП Горан Милевски, на НСДП Тито Петковски и на СПМ Љубисав Иванов – Ѕинго.

На лидерската средба, јави МИА, се очекува да присуствува и лидерот на опозицијата Мицкоски, иако се уште нема официјална потврда од партијата. Присуството на средбата го потврдиле Ахмети од ДУИ, Петковски од НСДП кој на средбата ќе учествува со Горан Мисовски, потпретседател и пратеник од оваа партија, дел од коалицијата на СДСМ, Поповска од ДОМ која ќе дојде со пратеничката Маја Морачанин…

Ова е првпат лидерска средба да се одржува во ваков состав односно да бидат поканети и лидери на партии кои имаат повеќе од еден пратеник во Парламентот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...