На прагот сме на нови избори. Чинот на гласање не е само заокружување на име на гласачкото ливче, туку е акт на доверба. Ако е така, тогаш сме во невоља: довербата во политиката во Македонија е загубена. Затоа и никој не може со сигурност да предвиди какви ќе бидат резултатите. Причините за недовербата се бројни: од приватизацијата, преку заробената држава до „Рекет“. Вистина, нема многу држави кои можат да се пофалат дека нивните политичари ја уживаат целосната доверба на своите народи, но нашата ситуација е многу покомплицирана. Во македонското општество владее една тотална недоверба. Пржинскиот модел за надминување на недовербата, е доказ за нашата болна демократија, нужност од која не би смееле да правиме доблест. Нужноста произлезе токму од отсуството на елементарна доверба меѓу политичарите, нешто без што нема демократски систем. Произлезе и од неможноста во 2016 да се спроведат слободни и демократски избори, на начин на кој тоа се прави во слободни и демократски држави. Се доведовме дотаму што изборите не можеа да се организираат од владата и државните институции во кои се загуби секаква доверба дека нема повторно да ги украдат гласовите. Ми вели роднина кој живее во Холадија: верувај, имам впечаток дека нема еден единствен човек во целата држава на кој би му паднало на памет, а камоли да изусти нешто за фалсификување на изборите. Патот до таквото општество е многу долг. Бев асистент кога мојот професор по Историја на државата и правото, Никола Сотировски, рече дека „на Балканот власта никогаш не ги губи изборите“. Тоа, се рабира, ме замисли: само осилена, недемократска и корумпирана власт победува на сите избори. Пржино е последица на такво осилено, недемократско и корумпирано владеење на луѓе кои не знаат ништо за Кантовиот морален закон кој вели дека човековото поведени е морално само ако е направено од чувство на должност а не од личен интерес.
Повторувањето на пржинскиот модел и на овие избори, пак, е доказ дека, помеѓу партиите, сѐ уште владее тотална недоверба во намерите на другиот, само сега и како прилика за одмазда на оние кои беа симнати од власт со негова помош. Се работи за процедура во која сто дена пред изборите опозицијата се вградува во власта за да ја контролира, за еден на друг да си дишат во врат. Како такви политичари ќе одолеат да не се фатат за врат, не знам. Притоа, најмоќниот инструмент за притисок, манипулација и местење на избори на секоја влада, полицијата, се предава во рацете на министер од опозицијата. Моделот се доживува како лек и за други болни демократии па и српската опозиција денес го условува излегувањето на избори со нивна верзија на Пржино.
Но, иако пржинскиот модел вметнува взаемна контрола меѓу политичари кои не си веруваат, гласачите го имаат последниот збор. Гласачите, пак, се посебна приказна. Резултат на сите „бомби“кои покажаа колкава била злоупотребата на власта од страна на владеачката партија која имала целосна контрола врз изборниот процес и систематски прислушувала 20.000 граѓани, е победа на истата партија- ВМРО-ДПМНЕ, на изборите во 2016! Додуша, партијата не можеше да формира влада заради отсуство на коалициски капацитети, но, добива најмногу гласови. Имено, гласачите, наспроти сите докази, масовно не застанаа во одбарана на своите човекови права и не ја казнија партијата на македонските националисти тогаш кога требаше. Зошто? Одговорот за ваквото поведение долго го барав и го најдов во два збора: деморализирани луѓе. Тоа се луѓе на кои политиката со своето неморално поведение, децении на ред, им го одзела духот, храброста и дисциплината да посегаат по морални цели. Да, јас би сакал, на наредните избори, гласачите да се обединат околу вредностите на демократијата, правната држава и вистината, но, не само што не може да се идентификува партија која е олицетворение на ова, туку тоа не е лепакот кој врзува. Лепакот кој врзува, и на овие избори, ќе биде партнерството во криминал, партиската припадност и национализмот. Тоа ќе биде изборот кој ќе му биде понуден на еден деморализиран народ кого неговите политичари го лишиле од духот, храброста и дисциплината да посега по морални цели.