Kaруселот што беше поставен на плоштадот „Македонија“, на кејот на Вардар, како дел од проектот „Скопје 2014“, веќе го нема. Тој е демонтиран и дислоциран од бетонската кружна платформа. На овој простор се останати уште двете вртелешки кои тука беа донесени од паркот „Луна“, додека заврши изградбата на новиот забавен парк. Според најавите, наскоро и тие ќе бидат дислоцирани, исто како и каруселот. Демонтажата ја прават екипите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, кои наскоро тоа ќе го сторат и со вториот карусел, сместен на просторот кај црквата „Света Богородица“ пред една година. Според неофицијалните информации, едниот карусел ќе биде преместен во Паркот со авионот во Аеродром, а другиот во паркот во Чаир.
Отстранувањето на каруселите и вртелешките се врши по налог на Град Скопје. Оние на плоштадот им пречеле на минувачите и на велосипедистите, а оној кај црквата никогаш и не проработе поради проблеми со поврзување со струја.
– Штета што ги отстрануваат реквизитите. Беше преполно со дечиња кои се возеа на нив, особено сега кога не работи Луна паркот. Им пречеле вртелешките на минувачите и на велосипедистите. А не им пречат кафулињата што се простираат по кејот? Ова беше единственото место за забава на најмалите дечиња – вели Наташа С., која објаснува дека живее во близина и дека често ги носела децата на вртелешките.
Каруселот, кој до вчера се наоѓаше на плоштадот, беше поставен пред пет години, а за него јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ плати 162.600 евра, кои му беа обезбедени од буџетот на Град Скопје. Тој беше изработен во Италија, имаше дрвена ротирачка платформа со фигури на коњчиња, кочии и чашки. Во 2017 година овој реквизит оствари приход од околу 39 илјади евра.
Пред една година кај црквата „Света Богородица“ беше поставен вториот карусел. Овој простор требаше да биде привремено решение додека не се изгради новиот Луна парк. Вредноста на овој карусел, за кој се очекуваше да почне да носи приходи после шестата година од работењето, изнесуваше околу 180 000 евра. Тој работеше само седум дена и оттогаш е вон употреба заради проблеми со приклучување во струја, но и поради тоа што е поставен на сосема нефреквентно место.
Инаку, како што е познато, ова е втор објект од проектот „Скопје 2014“ кој е отстранет, откако во февруари беше отстранет преку ноќ споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето од пред зградата на Врховниот суд, а на негово место беше засадено дрво кое ги симболизира човековите права.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави дека ќе се дислоцираат и галиите од коритото на Вардар, а проектот за панорамското тркало беше изменет и на негово место ќе се направи само пешачки мост.
Од есента работи Комисијата на Министерството за култура, која треба да ги утврди законитостите или неправилностите при поставувањето на спомениците и објектите од „Скопје 2014“. Потоа ќе се знае дали ќе заминат во историјата и други објекти од спорниот и прескап проект на минатата власт.
Анета Стојковска
Објавено во „Слободен печат“