Демонизација на противникот

Политичарите, како и медиумите, си играат со оган кога неконтролирано ги користат алатките за длабока поларизација на општетството, пред се со поддршка на тендензиозна критика, искривување на сликите на стварноста, клеветење и оцрнување,  и свесно спротивставување на групите.

449

Усвојувањето на уставните амандмани во Собранието, кои произлегуваат од Договорот од Преспа, како и што можеше да се очекува, наиде на крајно спротивставени мислења и на амбивалентни, па дури и конфузни чувства во пошироката македонска јавност. Можеби е премногу едноставно да се констатира дека македонските граѓани – посебно на социјалните мрежи – се делат на два спротивставени табора, меѓу кои неконтролирано се шират омраза, нетолеранција и закани. Многумина кои себе се сметаат како припадници на поумерениот „тивок мајоритет“ веројатно се соочуваат со сериозни проблеми во обидот да заземат некакво неутрално гледиште, да ја градат својата позиција без да се чувствуваат принудени „да избираат страна“. На повидок нема ниту една посериозна причина за да не се верува дека таквите состојби меѓу граѓаните, во државата и во дијаспората, ќе потрајат.

Кога емпатијата и разбирањето за гледиштата и мислењата на другата страна недостасуваат, и се постојано потиснати под налетот на викањето и крештавиот звук на сирени, како поддршка на уличината демократија, станува мошне тешко да се постигне согласност, дури и во такви ситуации кога е тоа крајно неопходно. Последица на таквиот “изместен“ фокус во демократизацијата на општеството е пред се заострена поларизација која значајно ги намалува можностите да се мобилизира поддршка за реформите што би требало да понудат решенија за проблемите во општетството. И со тоа да се олесни животот и секојдневието на обичните граѓани.

Политичарите, како и медиумите, си играат со оган кога неконтролирано ги користат алатките за длабока поларизација на општетството, пред се со поддршка на тендензиозна критика, искривување на сликите на стварноста, клеветење и оцрнување,  и свесно спротивставување на групите.

Всушност, на поларизацијата во општествената и политичката дебата би можело да се гледа и како на комуникациска алатка, која не прави некаква штета доколку се користи според етичките принципи, но се разбира претставува „долевање на масло на огнот“ кога се користи исклучиво за засилување на веќе постоечките конфликти. Поделбата на предавници и патриоти, впрочем, јасно ги отсликува таквите состојби во македонското општетство, со нестабилно поставени и трошни демократски темели, чиј најдегутантен дел е несомнено партиско-политичката поларизација во сите општетсвени сегменти.

Во едно такво општество, во кое инстуитуциите, ставени во функција на партиските елити, не можат да ги заштитат интересите на граѓаните, со право се очекува дека медиумите ќе ја преземат улогата на разобличување на заложбите на политичарите што свесно ја заоструваат општествената поларизација. Но претпоставка за тоа, се разбира, е самите медиуми да заземат колку што е можно понеутрална позиција, оддалечувајќи се на пристојна дистанца од „играта со огнот“. Такви напори, кои би биле означени како кредибилна улога во јакнењето на демократијата во општеството, кај голем број медиуми во Македонија воопшто не се ни забележуваат.

Во една поедноставена анализа, политичарите би можело да се поделат на три групи. Како прво, оние што администрираат и пред се успеваат да се провлечат, по цикцак линија, низ секојдневието, без да се зафатат со посериозно решавање на проблемите што го мачат општетството. Најсоодветен израз за нив и нивната улога би можело да биде „управници“.

Потоа следи групата политичари што агитираат, кои неретко подбуцнуваат и провоцираат, така што ги користат или, подобро речено, злоупотребуваат проблемите. Изразот „демагози“ е веројатно најдобар за да се означи оваа група.

И најпосле, оние што прават напори проблемите во оштетството да добијат решение, значи оние што не стравуваат да погледнат и да се соочат со непознатото и недоволно јасно што демне зад следниот агол. За оваа група најчесто се користи изразот “државници“.

По тридецинските заложби уште од осамостојувањето на Република Македонија, за зачленување во ЕУ и НАТО, како стратегиски определби во развојот на оопштеството, останува отворено прашањето – имајќи ја споменатата поделба – што е тоа што и недостасува на Македонија во актуелниов општетствено-политички миг? И што е тоа  од што Македонија е веќе крајно презаситена? Одговорот на вакви прашања се чини е мошне јасен.

Да се сврти трендот и да не се надмине јазот во кој се гуши емпатијата и кој ги оддалечува позициите и интересите на граѓаните во општеството, е недвојбено значајна задача за политичките лидери кои својот мандат го црпат од гласовите на граѓаните на изборите, а не од интересите на сопствените партиски елити.

Токму затоа, промените во општеството и спроведувањето на реформите, се осудени на далеку поскромен успех доколку на вистински начин, бескомпромисно, не се пристапи кон задушување на демоназцијата и популистичкото оцрнување на политичкиот противник.

Градење на единството во општетеството е можно само преку градење на инклузивно и недискриминаторско општество, кое ќе успее во напорите да се соочи со најголемиот предизвик кој е присутен и пошироко во Европа, односно – заканите против демократијата. Значи, општество кое заслужува респект поради начинот на кој се грижи за подобрување на статусот на најранливите категории граѓани.

Во спротивно, напорите за мобилизирање поддршка за отвореност и транспарнетност во политиките на институциите, и нивното прифаќање од најшироката јавност, ќе останат само – мртво слово на хартија.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...