Демократскиот сојуз сугерира прво да се заврши судскиот процес за 27 април, а потоа да се разгледа можноста за амнестија, при што Законот за амнестија да стапи во сила едновремено со изгласувањето на уставните промени.
„Доколку предвреме се донесе Законот за амнестија, тешко ќе се откријат сите инволвирани во крвавиот четврток и обидот за државен удар, а „селективната“ правда, дополнително ќе го охрабри Ѓорге Иванов, да донесе одлука за аболиција на организаторите и насилниците, смета Демократскиот сојуз.
Разбирајќи ја потребата за компромис, вклучително и носење на Закон за амнестијата, укажуваме дека мора да се почитува принципот на пресумпција на невиност и воздржување од упад на законодавната во судската власт, особено поради тоа што судскиот процес за 27 април 2017 година е во завршна фаза“, смета ДС.
Поради сето ова, Демократскиот сојуз укажува дека, целокупниот процес треба да се води доста претпазливо и одговорно, за да не се сруши владеењето на правото и правната држава, како основни предуслови за продолжување на евроатланските процеси.
Демократскиот сојуз во целост ја поддржува имплементацијата на Договорот помеѓу Македонија и Грција, како и обидите за обезбедување на парламентарно мнозинство неопходно за уставните промени.