Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, поради неговата изјава во која праша што е контроверзно во изборот на Џезаир Шаќири-Хоџа за советник во премиерскиот кабинет.
– Демократската фракција на ВМРО ДПМНЕ не може да се начуди на леснотијата на изговорените зборови и на обидите по којзнае којпат со манипулативен вокабулар и замена на тези да се избегне одговорноста и некадарноста. Министре Спасовски, контроверзно е тоа што Вие како министер во владата на Зоран Заев и ние како држава сè досега немавме контрола на дел од територијата на Република Македонија, а молчевте и криевте од јавноста. Контроверзно е дека ангажирањето на Хоџа е резултат на политички договор, Вие него да го ставите поблиску до премиерот Заев, а тој да го ослободи селото Танушевци. Контроверзно е што направивте гола трампа. Функција во замена за ослободена и досега неконтролирана територија. И не е само што е контроверзно, министре Спасовски, туку е жално и срамно- велат од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека постои меѓународна потерница од Србија за поранешниот командант на ОВК Џезаир Шаќири Хоџа, кој е под обвинение дека е еден од организаторите за нападот на преминот Доброшин кај Прешевската Долина, но и дека тој се наоѓа на црната листа на САД.
– Исто така сакаме да ги потсетиме министерот и премиерот дека кондовецот Агим Красниќи и неговата дружина, кои своевремено се закануваа дека ќе го гранатираат Скопје, за возврат не добија функци, туку вкупно 53 години затвор за злосторничко здружување и поседување оружје – се вели во соопштението.
Од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ велат дека најдобро е Спасовски да даде оставка, по можност, како што велат, во пакет со премиерот.