Демократска партија на Турците реагира на случувањата во Исламската верска заедница.
„Крајно сме загрижени поради последните случувања во врска со ИВЗ, кои го нарушуваат угледот на нашата вера исламот, којашто е религија на мирот и толеранцијата. Поради тоа, изјавуваме дека најостро ги осудуваме сите надворешни и внатрешни влијанија врз функционирањето на ИВЗ, која има своја автономија во функционирањето на верските заедници во нашата држава. Години наназад оваа институција е постојана мета на критики, кои негативно и штетно влијаат врз угледот на припадниците на исламската религија во нашата земја, која е со мултиетнички и мултиконфесионален карактер“, велат од Демократска партија на Турците.
Партијата ги повикува институциите да бидат крајно претпазливи при носењето какви било одлуки во врска со институцијата за која, како што велат, е крајно чувствителна за припадниците на исламската религија.
„Истовремено ги повикуваме и надлежните на Исламската верска заедница, како претставници на муслиманите во земјата да се однесуваат крајно внимателно и одговорно при носење секакви одлуки во процесот на функционирањето на институцијата. Демократската партија на Турците во своето 30-годишно постоење секогаш беше главен заштитник на духовните и културните вредности на Турците и на сите други припадници на исламската религија во нашата земја, и поради тоа, во никој случај нема да дозволиме нашата религија да биде злоупотребена за политички и други цели“, велат од партијата.