„ПЈРМ: Не постојат различни позиции и разлики во владата на Зоран Заев“; „Владата на Скопје демантира контра меѓу Заев и Димитров“; „Владата на ПЈРМ: Никакви разлики во ставовите меѓу Заев и Димитров во прашањето за името“; „Заедничка линија на Заев и Димитров“; „Заедничка изјава од Заев и Димитров со порака до Атина: Имаме заедничка линија“, се дел од насловите во грчките медиуми, кои технички, без дополнителни коментари ја пренесоа изјавата на портпаролот на македонската Влада Миле Бошњаковски за наводни поделби и разногласија во владата.
„Не постојат различни позиции и несогласувања во Владата на Зоран Заев, изјавува владиниот портпарол Миле Бошњаковски по повод написите во одредени медиуми и потенцира дека Владата на ПЈРМ обединето работи на решавање на разликите, како и на јакнење на достоинството и идентитетот на граѓаните на Републиката“, пишува грчката новинска агенција „АНА-МПА“.
„Со заедничка изјава, Министерството за надворешни работи на ПЈРМ и Владата на земјата им ставија крај на сценаријата објавени во медиумите кои говореа за разлики меѓи премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров“, пишува онлајн изданието на весникот „Катимерини“.
Грчката државна телевизија „ЕРТ“ објави дека портпаролот на Владата на ПЈРМ, Миле Бошњаковски ги демантира тврдењата на одредени грчки медиуми дека постојат разлики во внатрешноста на ПЈРМ за прашањето за името и потенцираше дека Владата на ПЈРМ работи со единство и посветеност за решавање на проблемите и јакнење на идентитетот и достоинството на граѓаните на земјата.
– Со заедничко соопштение Министерството за надворешни работи на ПЈРМ и Владата на земјата ги демантираат сценаријата за разлики меѓу премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, пишува информативниот портал „Реал“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчките медиуми во целосно ја пренесуваат изјавата на владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, а поголемиот дел од медиумите, текстот го презедоа од новинската агенција „АНА-МПА“.