(Де)легитимирање

Во наши услови, такви какви што беа, и уште се, секој контакт со „манекените“ на бившиот режим и особено со првите виолини (може да) се толкува не само како слабост, и никако како доблест, туку како гест на релативизација на нештата, особено на злосторствата и криминалот, како чин на некакво прифаќање, помирување или дури нивно легитимирање, што е уште полошо.

570
Да, во отсуство на морал, стандарди, критериуми и професионализам, кај нас се е можно, па дури и да поверуваме дека некој, ете така, преку ноќ, сонил дека на државата и на народот им сторил лошо – ма како лошо, да е лошо добро е, туку ги лажел, ги манипулирал, ги омаловажувал, ги правел мајмуни … – па му паднало некако тешко и решил – да се извини. Ете така, из чиста мира! И ние почнуваме да му ракоплескаме, да го тапкаме по грб, браво мајсторе, дај петка, така треба. Ние, па и судот, дури и’ поверувавме и на онаа шителова гаќарка дека се покајала и се извинила за затајување данок. Па се разбира дека се покајала – за да не оди во Шутка. А кој не би? И приказната завршува со тоа? А зошто овие кои сега наводно се извинуваат не побараа на времето да му се овозможи и на Кежаровски да се извини, на пример? И така да избегне затворска казна? Ама не, тие ја пумпаа јавноста со штабквартирните соопштенија за вината на новинарот, нели. Или, ако баш сакате, зошто никој не го праша овчарон, пардон – пастирон, дали се кае? Зарем тој не би се покајал за да куртули од првите две години во бајбок, после кои што, веројатно, ќе следат уште многу други, дај боже? И тој постојано ли ќе се кае? Или, да останам во сферата на медиумите: кога ќе видите каде отишол премиерот на тв дуел со „лидерот“ на опозицијата – во самото штабквартирно дувло на бившорежимската застрашувачка медиумската манипулација – повторно ви се наметнуваат прашањата за нашите критериуми и стандарди, но и за многу повисоки нешта, ако такви постојат. А постојат, се разбира, и треба да се почитуваат. Безрезервно, во сите сегменти, во секоја ситуација.

Едно од тие е дека со нашите постапувања ги верификуваме, им даваме (додаваме) или им одземаме значење на нештата. Особено ако сте висок државен функционер, ако се залагате за чест, морал, право и правда. Затоа, во наши услови, такви какви што беа, и се уште се, секој контакт со „манекените“ на бившиот режим и особено со првите виолини (може да) се толкува не само како слабост, и никако како доблест, туку како гест на релативизација на нештата, особено на злосторствата и криминалот, како чин на некакво прифаќање, помирување или дури нивно легитимирање, што е уште полошо. Да, знам дека највисоките функционери, по природата на работата и позицијата, мора да се среќаваат и со погореспомнатите, па во некоја прилика и да седнат на иста маса со нив. И добро е кога им говорат дека безочно ја пљачкаа државата и треба почесто тоа да го прават но, би рекол, нека биде тоа повеќе од дистанца отколку од иста маса. Нека биде тоа од, на пример „24“, од „Алсат“, од нована телевизија, од свирипичино, ако треба, но никако од некогашните медиумски инструменти на злото. Нам, денес, ни треба токму такво делегитимирање – јасно, јавно, цврсто, непоколебливо – не само на тие медиуми, туку на целата македонска реалност. Без оглед до кои и какви „височини“ допира. А впрочем, добрата страна, ако воопшто смее такво нешто да се каже, на криминалниот режим е што ни го покажа токму нивото на македонските некогаш неприкосновени „височини“, почнувајќи од МАНУ, преку новинарската фела, културата итн.!

И знам дека секогаш (ќе) постои аргументот дека Македонија е мала, најчесто не можеме да ги избегнеме контактите дури и да сакаме, но Македонија на актуелниов начин на справување со остатоците од режимското ѓубре ќе станува се помала и помала, додека да ја снема. Зашто, државите ги нема и кога се тука, или само мислат дека се тука, ги има на географската карта но во реалноста се само сенки, одвај се гледаат од криминалот и бандите што ги задушуваат! Таквите држави се ѕидани врз ајдучки темели, врз лаги и манипулации, врз пљачки, па и (нерасветлени) убиства. Тоа се, за жал, гомори, не држави. А ние натаму одиме со нашиот не-третман на припадниците на бившиот режим, со нашето помирливо ракување со секакви криминалци, со секое наше добар ден на барабите кои до вчера буквално ни го крадеа животот. Особено на перјаниците – не оние неколкумина кои веќе секојдневно ги гледаме пред судот, зашто тие самите, колку и да беа вични на криминалот, не ќе можеа да го постигнат тоа што го направија на оваа држава – на гласноговорниците, на хушкачите, на јатаците, на полтроните … Ние дефинитивно доцниме со процесот на делегитимирање, јавно, јасно и гласно, на таквите поединци, групи, медиуми, институции. А секој изминат ден е уште една цигла плус во гомората, во зацврстувањето тие подземни сили што буквално ја растураа државата, нашето секојдневие, нашите вредности. И тоа ќе го прават и во иднина, ако им се дозволи. А им се дозволува. Та, само пред месец дена една новинарска цепаница водеше хајка на една од „националните“ телевизии против можеби во моментов најстручната музејска комисија, нарекувајќи ја дилетантско партиско активистичко тело само заради фактот што се дрзнала да го преиспитува основањето и општествената оправданост на оној Музеј на македонскиот хорор! И кога тоа би бил навистина стручен и аргументиран став, ама цепаницата нема врска ни со култура, ни со уметност, со музеи најмалку, што ќе рече дека подземните центри се’ уште лиферуваат соопштенија, наредби, квалификации, пресуди … а мегафоните – пренесуваат. Токму како во времето на овчарот, пардон – пастирот.

А ние? Ние спиеме мислејќи дека некој друг ќе ни ја заврши работата!?

 

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...