Наспроти членовите на владата и владејачкото мнозинство, кои во последните седмици „на големо“ се залагаат за ветинг во правосудството, евроамбасадорот Самуел Жбогар излезе денеска со оценка дека проверката на судиите е последна опција по која треба да се посегне, доколку за тоа се обезбеди консензус во земјава.
Најавите за ветинг на судиите и обвинителите веќе извесно време се една од главните теми на политичката сцена, откако почнаа подготовките за спроведување таков процес во МВР. Премиерот Зоран Заев неодамна ја повика Антикорупцсиската комисија веднаш да почне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, посочувајќи дека извршната власт ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за проверка на потеклото на имот и пари на обвинителите, судиите, и нивните семејства. Тој ги повика и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ја проверат нивната професионалност и ажурност.
Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска изјави денеска дека носителите на функции во правосудството ќе бидат дел од годишниот план за 2020 за следење на имотната состојба и судирот на интереси, затоа што анализите упатуваат на тоа дека во оваа област има висок ризик од коруптивни и други влијанија. Од друга страна, новиот претседател на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски има резерва кон најавениот ветинг. Тој посочи неодамна дека дека не е проблем само малиот број обвинители, туку и тоа што на Јавното обвинителство му е загарантирана самостојноста согласно Уставот и треба да се внимава тоа да не биде прекршено.
Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска, пак, изјавуваше дека е подобро да имаме помалку, ама квалитетни судии. Таа најави неодамна дека ветингот би се спровел по изборите, затоа што за тоа се потребни законски измени за чие донесување е потребно двотретинско мнозинство. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски исто така силно се залага за ветинг во правосуството, каде што тој во неколку наврати посочи и на одговорност, како што беше со случаите со бегството на експремиерот Никола Груевски, а пред некој месец и на Игор Спасов, кој е осуден за убиство на Мартин Нешковски.
Владејачката ДУИ отиде чекор понатаму инсистирајќи на ветинг на сите избрани и именувани функционери, што почна да го форсира како иницијатива уште пред неколку месеци.
На вчерашната трибина на СДСМ, Заев зборуваше за поединци во правосудството како последна тврдина на „режимот“ и упати апел до Европската комисија да активира интрументи за мониторинг на судски случаи од висок профил и со тоа, како што рече, веднаш да почне прочистувањето, за да не се повтори “судство зарбоено во тефтерче“. Наспроти тоа, амбасадорот Жбогар посочи денеска ставот на ЕУ е јасен: „за подобрување на состојбите во судството треба да се искористат елементите одвнатре“.
Но, за разлика од Жбогар, кој искажа резерва кон најавениот ветинг, еврокомесарката за правда Вера Јурова, при неодамнешната посета на Скопје, посочи дека овој процес може да биде една од опциите за професионализација на правосудството во С.Македонија.
-Сакаме секторот на правосудство да биде пополнет со професионалци кои ќе уживаат доверба, за кои нема да има сомнежи околу нивниот интегритет и нивната професионалност, па процесот на ветинг може да е еден од инструментите што тоа може да го гарантира – изјави Јурова.
Заев го почна мандатот како премиер со идеја за генерален реизбор на судии, што беше едно од ветувањата на СДСМ за време на претходните парламентарни избори во 2016 година. Но тоа ветување остана на хартија, за што премиерот излезе неодамна со објаснување дека бил спречен од ЕУ, поради инсистирање случаите со судиите да не се колективизираат, туку да се разгледуваат индивидуално, како и поради тоа што во земјава нема доволно судии и обвинители.