Деинституционализација – процес што ја обележа минатата година

109

Процесот на деинституционализација на лицата и децата сместени во гломазни институции е еден од процесите што ја обележа работата на Министерството за труд и социјална политика изминатата година. Заложбите на ова Министерство се што е можно повеќе лица да бидат извлечени од институциите, а до 2020 година да нема ниту едно дете од 0 до три години во институција. Деинституционализацијата треба да овозможи премин од систем за социјална грижа заснован на големи, „сиви“, безлични и сегрегирачки институции кон систем на социјални услуги во заедницата – онаму каде што човекот живее. Целиот процес би требало да заврши во следните пет години.

Од август 2017 до декември 2018 година, 131 дете ги напуштија социјалните институции и се згрижени во вонинституционални форми на згрижување. До крајот на годината ќе бидат завршени сите подготовки за уште 30 деца да излезат од институцијата во која се сместени, што, според најавите од Министерството, треба да се случи најдоцна во текот на зимскиот распуст.

Во текот на 2018 година и со поддршка од ЕУ интензивно се работеше на партиципативен развој на долгорочна Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027, што Владата на РМ ја усвои во септември. До крајот на годината во владина процедура ќе влезе и Акцискиот план за спроведување на стратегијата, што јасно ги утврдува потребните чекори, показателите за успех и потребните средства и ги одредува одговорните институции и чинители.

Во соработка со УНИЦЕФ и УНДП беа ангажирани странски експерти кои, заедно со раководството, вработените и корисниците на институциите, подготвуваат планови за трансформација на секоја од седумте социјални установи во земјата. Плановите треба да покажат која ќе биде улогата и намената на секоја институција во реформираниот систем за социјална заштита кај нас, какви услуги таа ќе нуди. Треба да се напомене дека во собраниска процедура е новиот Закон за социјална заштита, кој предвидува воспоставување достапни социјални услуги во заедницата за различни категории граѓани кои имаат потреба од грижа и поддршка. Се предвидува да се вклучат различни даватели на услуги (граѓански организации, правни лица, физички лица), кои ќе бидат лиценцирани и финансирани од страна на државата.

На почетокот од 2017 година, во седумте резиденцијални институции (институции што обезбедуваат долгорочно сместување на корисниците) беа сместени околу 500 лица и деца, поточно 482. Станува збор за деца и лица со физичка и интелектуална попреченост (319) и деца без родители и родителска грижа, со социјални тешкотии и во судир со законот (163).

Податоци за преселбата на децата од институциите во вонинституционални форми на згрижување 

На крајот од ноември 2018 година, бројот на деца и лица сместени во институции е 406. До крајот на 2018 година и во текот на зимскиот распуст, 30 деца ќе преминат во мали групни домови во Скопје и во Штип и во згрижувачки семејства, со што бројот на деца и лица сместени во институции ќе се намали под 400. Во моментов во сила е административен мораториум за прием кога станува збор за институциите за возрасни лица со попреченост. Детските институции, доколку нема друга алтернатива, примаат нови корисници – деца без родители или родителска грижа или деца кои поради несоодветно поведение се упатени во установа од страна на соодветен орган. Домот за новороденчиња и мали деца во Битола прима нови деца корисници, чии родители од различни причини решаваат да ги остават децата непосредно по раѓањето. Оттука, поради „влезот“ на нови корисници во системот, разликата помеѓу бројот на корисници во 2017 и на крајот од 2018 година е помала одошто фактичкиот број деца кои ги напуштиле институциите и добиле згрижување во заедницата.

Од Министерството најавуваат дека во следните три години интензивно ќе се работи на подготовка и на преселба на корисниците од институциите во нови форми на живеење со поддршка во заедницата. Во следните пет години најдоцна би требало да заврши процесот на преселба на сегашните корисници на институциите во служби во заедницата. Потоа, вниманието ќе се насочи кон домовите за стари лица и кон реформирање на грижата за лицата кои имаат долгорочни тешкотии во менталното здравје.

Кога станува збор за децата, се прават напори тие да се сместат во семејна средина – преку враќање во биолошкото семејство откако семејството ќе биде зајакнато и поддржано за такво нешто, или згрижување во згрижувачко семејство. Доколку ова не е возможно, останува опцијата за сместување во мал групен дом, при што целта е да се воспостави окружување налик на семејното. Предлог-законот за социјалната заштита предвидува најмногу до седум деца да бидат сместени во еден мал групен дом.

Целосно се преселени децата од Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение „25 Мај“ – вкупно 25 деца. До крајот на зимскиот распуст целосно ќе бидат преселени децата сместени во Детскиот дом за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ – вкупно 30 деца. Специјалниот завод Демир Капија го напуштија сите 10 деца под 18-годишна возраст, кои сега живеат во три станбени единици со поддршка во Неготино, с. Тимјаник и во Скопје.

Развивањето социјални услуги на локално ниво е еден од клучните предизвици за успешна деинституционализација. Потребно е допрва да се формираат капацитети за прифаќање и згрижување на лицата сместени во институциите, на пример, да се формираат мали групни домови или да се воспостават служби за живеење со поддршка во заедницата. Од друга страна, потребни се многу други социјални услуги од превентивен карактер, такви што го јакнат капацитетот на поединецот и неговото семејство активно да живее во сопствената заедница, едноставно да нема потреба од сместување надвор од својот дом.

Пример за таква услуга е личната асистенција за лица со физичка попреченост или со оштетување на видот, годинава првпат воведена кај нас. Околу 70 корисници од седум општини добиваат секојдневна поддршка, најмногу до 80 часа месечно, во извршувањето на секојдневните активности (движење, лична хигиена, хигиена во домот, комуникација со други лица итн.) што ги поттикнува активно да учествуваат во животот на својата заедница. Со законската реформа (предлог-законот за социјална заштита е во собраниска процедура), се предвидува систем на лиценцирање и финансирање недржавни даватели на услуги – во прв ред, граѓански здруженија кои и досега имаат искуства во нудењето услуги за различни категории граѓани, но и фирми и физички лица.

Државата ќе ги пропише услугите и стандардите што давателите на услугите ќе мора да ги исполнат и квалитетот на услугата што ќе мора да го обезбедат, при што квалитетот на живеење на корисникот и неговото задоволство ќе бидат во прв план. Државата, исто така, ќе обезбеди мониторинг и контрола врз квалитетот на услугите. Достапноста на услугите во голема мера ќе зависи од капацитетот на потенцијалните даватели на услуги на локално или регионално ниво. МТСП, заедно со партнерите ЕУ, Светска банка и сите ОН-агенции во следните три години ќе вложи напори за јакнење на постојните капацитети и за градење нови, онаму каде што недостигаат.

Како што е наведено погоре, сите деца од Домот „11 Октомври“ се подготвени за преселба и се чека на зимскиот распуст за сите 30 да преминат во пет мали групни домови во Скопје (4) и во Штип (1), додека 3 деца ќе бидат сместени во згрижувачки семејства.

За децата во Домот во Битола главна опција е сместување во згрижувачко семејство. Новиот Закон за социјална заштита предвидува воспоставување специјализирани згрижувачки семејства за новороденчиња и бебиња, кои ќе бидат посебно обучени да обезбедат соодветна грижа, интеракција и љубов за нив. Од друга страна, ќе се зајакне поддршката за бремените кои се во ризик да го остават своето дете по раѓањето и нивните семејства. Домот во Битола ќе овозможи престој на бремените жени еден месец пред породувањето и најмногу осум месеци по породувањето, во кој период социјалните служби ќе можат да се посветат на поддршка на мајката и семејството за да го задржат своето дете.

Во 2019 година се планира да се промени системот за посвојување во насока на воспоставување поефикасна, побрза и постапка заснована на најдобриот интерес на детето, во согласност со меѓународните конвенции и стандарди. Тоа ќе овозможи децата да растат во семејна средина.

МТСП е уверено дека до крајот на 2020 година нема да има деца под три години сместени во институциите. Всушност, напорите на Министерството се насочени кон тоа да нема деца (под 18 години) во институциите.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...