Недалеку од Бахамите, во 1961 година, на отворено море било пронајдено девојче како плови во мал чамец за спасување. Било изгладнето и со зголемена телесна температура. Никому не му било јасно како се нашло девојчето на тоа место.
Кога ја здогледал Николаос Спакидакис, офицер на грчкиот брод „Капетан Тео“, не можел да си поверува на очите. Фотографијата која набрзо ќе го обиколи целиот свет ја направил еден од членовите на екипажот.
Што, всушност, се случило?
Приказната започнала кога д-р Артур Даперолт одлучил да го поведе своето семејство на крстарење на Бахамите. На пат тргнале неговата сопруга Џин и трите деца – 14-годишниот Брајан, 11-годишната Тери Џо и седумгодишната Рене, како и нивниот семеен пријател и поранешен маринец Џулијан Харви со сопругата Мери.
Одморот започнал добро и сите добро се сложувале, но на петтата ноќ од крстарењето, Тери Џо ја разбудиле врисоци и чудно удирање кое доаѓало од палубата над неа.
Девојчето се качило на палубата за да види што се случува, а таму затекналo ужасна сцена – нејзината мајка и нејзиниот брат лежеле во локва крв, а потоа го згогледала Харви како оди кон неа. Тој ѝ удрил шлаканица и ѝ рекол да се симне долу.
Тери се спуштила во кабината, но водата веќе започнала да навлегува. Истрчала кон Харви и го прашала дали тонат, на што тој кратко ѝ одговорил „да“, го зел гумениот чамец и отпловил во морето.
Тери Џо останала сосема сама, но во еден момент се сетила дека имало уште еден мал чамец за спасување. Таа без вода, храна и заштита од сонцето поминала 84 часа на отворено море сè додека не ја пронашол грчкиот брод. Она што девојчето не го знаело е дека поранешниот маринец го убил нејзиното семејство и сопругата додека таа спиела на бродот.
Бидејќи западнал во сериозни финансиски проблеми, се претпоставува дека ја убил сопругата поради осигурување од 20.000 долари. Меѓутоа, кога Артур го видел што прави, тој морал да се ослободи од сведоци и го продолжил крвавиот пир.
Харви ја потопил јахтата за подоцна да може да каже дека тој е единствениот преживеан. На крајбрежната стража ѝ рекол дека јахтата се расипала, а сè уште бил со нив кога било јавено дека Тери Џо е пронајдена.
Тогаш, тој рекол дека тоа е одлично, а следниот ден се самоубил.
Не е познато зошто ја оставил Тери Џо жива, но се верува дека не се надевал дека девојчето ќе преживее само на море.
Тери со години одбивала да зборува за своето семејство, а потоа напишала книга и му се доверила на светот во 2010 година.
– Никогаш не бев исплашена. Бев на отворено море и ја сакав водата. Имав силна верба. Верував во Бог и се молев да ми помогне, оставив сè да тече по својот тек – изјавила таа и додала:
„Она што сакам да го порачам во мојата книга е никогаш да не се откажувате и да не губите надеж. Бидете позитивни и препуштeте се, помагајте на оние на кои им е потребна помош. Верувам дека доброто со добро се враќа“, заклучила Џо.
FOTO: Jutjub/Printskrin