Девојката од Струмица живее со родителите, а семејството не е во социјален ризик

Обвинителството вршеше увид во случајот и дадени се сите наредби да се расчисти кривично правниот настан. Се очекува да пристигнат извештаите и истите ќе бидат  разгледани, по што јавното обвинителство ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката - велат од обвинителството

848

Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Струмица извршил увид во семејството на 18-годишната девојка, која се породила дома пред неколку дена, по што бебето било пронајдено во јама. Причината за смртта на бебето сѐ уште ја утврдуваат  лекарите од Институтот за судска медицина, а ако се докаже дека има елементи за чедоморство, девојката и кривично може да одговара.

Обдукцијата ќе може да даде одговор и на прашањето дали бебето било живо родено и колку живеело.

Од Министерството за труд и социјални работи денеска ни изјавија:

– ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Струмица е во постојана координација со надлежните институции и согласно своите надлежности, контактираше со девојката и нејзиното семејство. Од увидот е утврдено дека станува збор за семејство коешто не е во социјален ризик, а девојката живее во заедница со своите родители.

Јавноста е уште во шок по веста дека откако 18-годишна девојка се породила дома, бебето било најдено во јама, без знаци на живот. Гинеколозите коментираат дека 9-месечна бременост не може да се сокрие и дека најблиските сигурно знаеле дека девојката е бремена. А доколку таа не сакала да го задржи бебето, во случај да било родено живо, можело да биде дадено на посвојување.

Центарот за социјални работи во Струмица немал пријава дека додека девојката била бремена, дека имало некои проблеми поради кои и социјалните работници требало да се вклучат во овој случај.

Случајот го води струмичкото јавно обвинителство, а во врска со тоа до каде е постапката, од Јавното обвинителство изјавија:

– Обвинителството вршеше увид во случајот и дадени се сите наредби да се расчисти кривично правниот настан. Се очекува да пристигнат извештаите и истите ќе бидат  разгледани, по што јавното обвинителство ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката.

Првичните резултати за причината за смртта на бебето може да се очекуваат најрано  идната недела.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...