Девет пожари на отворено на територијата на Град Скопје се изгаснати во периодот од 30 јануари до 5 февруари. Сите пожари се пријавени на телефонскиот број 193 кој е дел од кампањата „Пријави оган на отворено“.
– Во сезоната со зголемено загадување на воздухот, Градот Скопје ја продолжи кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Градот Скопје преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, и се справуваат со огновите на отворено, наведуваат од Град Скопје.
Кампањата се спроведува трета година по ред и досега, како што информираат од Градот, има одлични резултати.
Градот Скопје и Бригадата за противпожарна заштита апелираат граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на палење оган на отворено, за да може огнот што побрзо да се изгаси, а сторителите да бидат санкционирани.