Девет години затвор за Ѓоко Поповски во случајот „Триста“ на СЈО

1675

Обвинетиот поранешен помошник министер во МВР Ѓоко Поповски виновен е за кривичното дело злоупотреба на службената положба. Судот го осудува на казна затвор од девет години.

Ваквата пресуда денеска во новата зграда на Кривичниот суд ја соопшти судијката Добрила Кацарска која е претседателка на судечкиот совет во случајот „Триста“.

Покрај тоа тој треба да ги плати судските трошоци од речиси 250.000 денари, како и да ја надомести штетата направена врз МВР од 27.894.522 денари во рок од 15 дена откако пресудата ќе стане правосилна.

Судскиот процес за овој предмет на СЈО започна во ноември лани. Со подигање на обвинението, на Поповски му се стави на товар злоупотреба на службената положба и овластување при јавна набавка на 300 возила во МВР со којашто бил оштетен буџетот за 453.570 евра. СЈО со обвинителниот акт тврдеше дека поранешниот помошник министер незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.

Додека од една страна обвинителството бараше осудителна пресуда, од друга Поповски и неговите адвокати бараа тој да биде ослободен. Пред судот тој се изјасни дека не е виновен, а се пожали и дека судењата сериозно му го нарушиле здравјето, оти имал закаци и притисоци, како и тоа дека во сомнителна дисциплинска постапка добил отказ од МВР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...