Симболично, во пет до дванаесет часот, на 22 април, недела, во селото Ботун, жителите на општина Дебрца, ќе го започнат второто, овој пат, еколошко востание. Намерата им е да испратат испратат јасна и недвосмислена порака дека застануваат силно и единствени против идејата за изградба на регионална депонија на територијата на оваа општина, кај селото Годивје, на неколку стутини метри одновиот автопат во изградба, Кичево-Охрид.
„Дебрчани, сега е моментот. Дебрца чиста ја наследивме, чиста и ќе ја оставиме, порачаа организаторите на протестот, кои во повикот потсетуваат на убавините на овој регион, но и на значењето на Дебрца во градењето на државата, тогаш кога било најтешко“, се вели во Прогласот.
Претходно тие формираа координативното тело, кое има за цел да се спречи изградба на регионална депонија. Тие најавуваат низа проекти и настани со цел јавно да покажат дека како жители на Дебрца, во координација со локалната самоуправа, се решени да истраат до крај во намерата Дебрца да остане еколошки чиста и заштитена средина, без можност за сквернавење на нејзината природна еко рамнотежа.
Советот на општина Дебрца, едногласно ја отфрли одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија.
Советниците, до еден изјавија, дека во целост ја почитуваат волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение, според кое за локација за изградба на регионалната депонија за Југозападниот плански регион се предлага атарот на село Годивје, општина Дебрца.
Градоначалникот на oпштина Дебрца, Зоран Ногачески, изјави дека целосно ќе ја почитува волјата на граѓаните кои на референдум се изјаснија против изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје.
Ногачески таквиот став го изнел и на средбата на премиерот и министерот за животна средина со градоначалниците, посветена на решавањето на проблемот со депонирањето и третманот на цврстиот отпад.
Градоначалникот Ногачески е категоричен дека не може да се оправда било какво решение за регионална депонија во срцето на Дебрца.
Ногачески уште еднаш го повикува надлежното министерство да отвори нова дебата и расправа по ова прашање, која ќе биде транспарентна, со вклученост на сите засегнати страни, како и стручната јавност, екологистите, еколошките здруженија и граѓаните да го изнесат својот став.
Повикани се и членовите на Советот на општина Охрид, како и градоначалникот Јован Стојаноски, да се солидаризираат и јавно да го кажат своето мислење, како што рече, да не заборават дека Дебрца е главната порта за влез во Охрид и дека Дебрца се белите дробови на Охрид.
Паралелно со последните локални избори на ниво на општина Дебрца се спроведе и референдум на кој граѓаните имаа можност да ја изразат својата волја дали се за или против изградба на регионална депонија за цврст отпад на територијата на општината. Од вкупно запишаните 4.625 граѓани во избирачкиот список, на референдум излеглоа 3.149 граѓани, или 68 проценти. Од излезените граѓани против изградба на регионална депонија се изјасниле 2.746 или 87 проценти, додека за изградба се изјасниле 297 или 13 посто од вкупно излезените граѓани.
Покрај референдумот, жителите на Дебрца го држат за збор и тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер, Зоран Заев, кој на предизборен митинг во Белчишта, седиштето на општината, јавно вети дека ќе се заложи да не се гради планираната депонија во Годивје.
На помош се повикани и двајцата пратеници од СДСМ (другите двајца од ВМРО-ДПМНЕ седниците ги следат притворени пред домашните телевизори!), а на својот ФБ профил веќе се огласи со поддршка Жаклина Лазароска.
– Имате и поддршка од пратеник кој веќе постави пратеничко прашање за овај проблем и во парламентот делува во насока на правење поширок фронт од луѓе кои ќе делуваат во насока на спречување на тоа – напиша Лазароска.
Идејата за регионална депонија во Дебрца е стара неколку години. Најнапред, со средства на ЕУ, беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени 4 локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува село Годивје во општина Дебрца.