Oвој изборен ден, со мали забелешки, помина на најдобар можен начин и граѓаните имаа можност да ја изразат слободно својата волја, оцени Африм Гаши, претседател на Движењето БЕСА.
– Се заблагодаруваме на сите граѓани кои се одѕваа на повикот за референдум, потврдувајќи притоа голема граѓанска одговорност и зрелост за значајниот момент на кој се наоѓа државата. Како што може да се види од првите податоци, таму каде што Движењето БЕСА ги има своите традиционални гласачи, и излезноста беше над 50% и одговорот „Да“ на овој референдум бил апсолутен. Денес уште еднаш се потврди тоа што ние, како политичка партија, но и како Албанци, сме истакнале дека недостатокот на еден коректен попис на населението ќе остави последици и на избирачкиот список. Од друга страна, и непрочистувањето на избирачкиот список, со тоа што просечниот праг бил кренат толку горе, што беше тешко веројатно дека може да се постигне. Во една држава во која службените цифри покажуваат стотица илјади иселеници само во последните 15 години, да се тврди дека 903.000 е 50 отсто на гласачите, беше речиси утопија. Затоа, овој референдум е уште еден патоказ за тоа што треба да направиме како држава и како општество и неопходноста за спроведување на попис на населението и прочистување на избирачкиот список – рече Гаши.
Тој истакнува дека Движењето БЕСА останува посветено на евро-атлантската агенда и ќе продолжи да го поддржува овој процес, кој сега ќе се одвива во државните институции, во Собранието и во Владата.