Две рала експерти

Политиката, онаа од која толку се згрозуваме ја подели науката. Два рала научници им се секогаш на располагање на политичарите. Оние најитрите, пак, некое време успеваа и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, а се обидуваат и денес.

2946

Дебатата за односот помеѓу експертите и политичарите се водеше и во време на еднопартискиот систем, како што се води и денес по повод новиот закон за Јавното обвинителство. Тогаш, загрепскиот професор Бранко Хорват ја разбуди јавноста со необичното предупредување до научниците дека во политиката два и два не секогаш се четри. Алудираше на фактот дека политиката и науката не се едно исто. Во политиката, имено, има желба за моќ, емоции, интереси, алчност, одмазда, егоизмам, доминација и сето она што е дел од човековата природа која ја потценувавме заслепени од вербата во Партијата, во уставотворците и во законодавците. Но, не повеќе. Во услови на слобода, многу работи ни станаа јасни.

Ни стана јасно дека политичкиот процес, кој знае да биде толку непријатен за гледање и слушање, всушност го произведува правото, па оттаму, какви законодавци такви закони. Дека вистинските творци на законите на нашата држава не се професорите на Правниот факултет, туку пратениците. Дека правото не е производ на „супериорниот“ ум на професорите пред кој, како што неодамна погрешно заклучи еден професор, партиите треба да се поклонат, туку на „просечниот“ ум на пратениците. Значи, после дебатата за новиот закон за ЈО, јасно е дека професорите може да бидат повикани да дадат свое мислење, но одлуките ги носат политичарите. Притоа, тие се производ како на чесни намери на поединци така и на корумпираниот амбиент на политиката во кој владее парвилото да се контролира се што може да се контролира. Привидот дека професорите се тие кои ги прават законите од своите комотни кабинети произлезе од праксата на еднопартискиот систем кога, спроведувајќи ја партиската линија, професорите ги пишуваа законите. Праксата, по некаква инерција, но и заради слабоста на демократските институции, продолжи и во децениите на плурализмот, а влијанието на некои професори, во спрега со политичарите,навистина беше огромно. Кога во текот на избрзаното, неосмислено и насилничко наметнување на таканаречениот болоњски систем на студирање, предупредив дека одлуките на Факултетот се против важечкиот закон за високото образование, јавно ми беше речено дека законот ќе биде сменет. И? И, навистина, законот беше сменет согласно незаконската одлука донесена од Факултетот да премине на новиот систем на студирање. Си мислам: некои мои колеги, во тие моменти, мора да се чувствувале многу моќни. Но, таква блискост на науката со политиката не и донесе ништо добро ниту на науката ниту на македонското општество.

Имено, со демократската смена на власта се појави потребата од „ново рало“ професори кои ја уживаат довербата на новата власт. Правниот факултет кој се сметаше за монопол на СДСМ наследен од СКЈ, стана мета на опозициската партија и на нивните помали коалициски партнери. Каков ефект имаше ова врз независната научна мисла, можете да замислите. Но, главната вина беше наша. Наместо, по прогласувањето на демократијата пред триесет години, да се обединиме околу строгите академски стандарди, отфрлајќи секакво партиско влијание, ги спуштивме стандардите и им ги отворивме вратите на сите партии. Имено, вратите на Факултетот, дамна пред оние на Собранието на 27 април, беа отворени за партиски лојалисти, во нешто што заличуваше на натпревар кој, да употребам еден одвратен збор, ќе „набута“ повеќе свои луѓе. Сега живееме со последиците на тоталниот крах на моралот и дисциплината на мојата генерација која ја предаде слободната мисла дозволувајќи партискиот дух да завладее со научната институција.

Така, политиката, онаа од која толку се згрозуваме ја подели науката. Два рала научници им се секогаш на располагање на политичарите. Оние најитрите, пак, некое време успеваа и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, а се обидуваат и денес. Се разбира, секогаш постоел изборот да останете на страна од тој процес на партизација на институцијата остварена со рушење на секаква научна хиерархија, па и хиерархијата на знаење. Но, тоа значеше самоизолација каква нема во демократски замји.  Мојот американски пријател, на пример, никогаш не ги промени своите научни убедувања и, без оглед колку тие не се поклопуваа со ставовите на актуелните претседатели, секогаш ја имаше поддршката на државната агенција да присуствува на важни собири во светот. Тој, имено, беше претставник на американска научна мисла. Она што деновиве ме запрепасти беше сознанието дека и мојот нов грчки пријател, со спротивни ставови кон македонското прашање од оние на државата Грција, ја имал поддршката од истата таа држава да продолжи со својата научна работа. Не и кај нас. Кај нас важи правилото ако не си со нас, тогаш си против нас. Затоа се потребни најмалку два рала научници. Несомнено, на најголема мака, и денес како и некогаш, се оние кои сакаат да бидат свои: луѓе верни на науката а не на политиката.

 

извор: Инбох7

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...