Двеиполгодишното дете од Скопје кое пред неколку дена почина на Клиниката за детски болести, освен кај матичниот лекар, било лекувано и во Болницата во Козле.
– Инициравме формирање Комисија при Министерството за здравство за испитување на причините за смрт и за овој случај – изјави денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, д-р Ирина Бухова.
Детето, како што пред два дена соопштија од Клиниката за детски болести, починало по белодробна инфекција со пнеумокок, а при приемот имало и тешка клиничка слика на сепса. Претходно, детето било релативно здраво.
Д-р Бухова нагласи дека инспекторите со вонредниот стручен надзор го испитале целиот пат кој бил поминат при лекување на детето.
Комисијата треба да утврди каде биле направени пропустите во лекувањето.