Двајца ќе се гонат за свирепото убиство на Саздовски, третиот е во бегство

497

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката Притвор против  две лица за сторено кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. На обвинетите им се става на товар дека заеднички и на свиреп начин го лишиле од живот оштетениот Никола Саздовски.

Како што соопшти ОЈО, обвинетите на 29 јуни 2018 година во 17.45 часот на булеварот Александар Македонски во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“, му пристапиле на оштетениот и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал личната карта, обвинетите неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите. Од силните удари оштетениот загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите. Од ударите оштетениот се здобил со тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот и западнал во коматозна состојба. Тој бил пренесен во Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Истиот ден бил пренесен во Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – Скопје , Одделение за анестезија и реанимација, каде на 3 јули 2018 година била констатирана мозочна смрт. Како резултата на здобиените повреди на 9 јули 2018 година оштетениот починал.

Истовремено со поднесување на обвинителниот акт, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје предложи против двете обвинети лица да биде продолжена мерката притвор согласно член 165 став 1 точка 1 и 2 од Законот за кривична постапка, бидејќи цени дека постои опасност од бегство и постои оправдан страв дека во текот на кривичната постапка обвинетите ќе влијаат врз сведоците.

Поднесувањето на обвинителниот акт следи по спроведена истражна постапка против двајцата обвинети за кривичното дело за кое што се обвинуваат. Во текот на истражната постапка обвинетите биле испитани и дале своја одбрана пред надлежен јавен обвинител. Согласно член 302 од Законот за кривична постапка пред завршување на истражната постапка писмено беа известени обвинетите и нивните бранители за да извршат увид во обезбедените докази. При вршење на увидот тие не предложиле прибавување на други докази во текот на истражната постапка.

Против третото осомничено лице за кое обвинителството исто така води истражна постапка за истото кривично дело како соизвршител заедно со двајцата обвинети, согласно член 300 од Законот за кривична постапка, надлежниот јавен обвинител донел Наредба со која ја прекинал истражната постапка. Третоосомничениот сѐ уште е недостапен на државните органи и за ова лице за кое е распишана домашна и меѓународна потерница, истражната постапка ќе продолжи во моментот кога ќе биде достапно.​

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...