Двајца обвинети за насилство кон Села признаа вина

За двајцата кои го признаа делото, постапката ќе се раздвои од останатите седуммина кои се обвинети за обид за убиство.

1018

Цео Ѓорѓиевски и Стојан Павлески обвинети за кривичното дело насилство во случајот со обидот за убиство на Зијадин Села, пред судот изјавија дека се чувствуваaт виновни и го признаваат делото кое им се става на товар.

Тие првично беа обвинети за обид за убиство, но на минатото рочиште обвинителот Дарко Јакимовски направи преквалификација за нив двајца и го смени делото од обид за убиство во насилство.

– По изведените видео докази не можам да кажам дека не сум виновен. Тоа беше во момент на агресија – рече Павлески.

За двајцата кои го признаа делото, постапката ќе се раздвои од останатите седуммина кои се обвинети за обид за убиство. Во овој случај, покрај преквалификацијата на минатото рочиште обвинителот го повлече обвинението и против Сашо Сенков за кого, како што рече нема докази.

За делото за кое се товарат Ѓорѓиевски и Павлески предвидена е казна затвор од шест месеци до пет години. Судот може да им досуди и условна казна. Бидејќи за нив мора да се оформи нов предмет, судот даде пауза од еден час.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...