Двајца лекари под надзор, биле на конгрес во Мадрид каде предавач заболел од коронавирусот

567

Двајца лекари се ставени под здравствен надзор, а во текот на денот ќе се знаат резултати од тестирањето на коронавирус, изјави министерот за здравство, Венко Филипче денеска во Владата.

– Преку СЗО вчера не известија дека двајца наши лекари биле на конгрес во Мадрид, а вчера еден од предавачите заболел од коронавирусот. Докторите стасале касно во земјата, во сабота вечер и дома се, не биле на работа и  немале контакт голема бројка на луѓе. Тие се денеска тестирани на Инфективната клиника, и ќе им се препише здравствен надзор од 14 дена. Со тој предавач тие немале контакти или со друг заболен со симптоми, а мала е и изложеноста од ден и половина, па мал е и ризикот да бидат заразени, а уште помал да се преносители на вирусот – нагласи Филипче.

Единствената заболена пациентка досега е добро и веќе три дена нема зголемена температура, а тестирани се 13 граѓани.

– Ја следиме будно состојбата. Викендов дојдоа 10ина автобуси на граничниот премин  Табановце, а во петокот слетаа два авиони од Северна Италија на скопскиот и охридскиот аеродром. Сите патници се испрашани и нема податок за заболен или дека биле во контакт со некој од ризичниот региони – рече Филипче.

Од СЗО известиле за вкупно 2.156 заболени во Европа, а на списокот како нови земји со заразени лица од коронавирус се Ерменија, Ирска и Чешка.

А за тоа дали ќе има промена на досега преземените мерки, министерот рече дека во овој момент нема потреба од порадикални мерки, дека во фокусот и натаму се луѓето кои престојувале во Северна Италија и оние кои биле во контакт со нив.

Во врска со јавните настапи, дали препораката за забрана ќе важи и по петок, Филипче рече:

– Ако остане вака – доколку нема новозаболени и се во добра состојба лицата кои се во домашна изолација, според мене, нема да продолжи препораката за неодржување јавни собири, што важи до 6. март. Но, состојбата ќе се следи дневно и согласно тоа ќе се решава – додаде министерот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...