Во два одвоени случаи, на две различни локации во западниот и југозападниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез, од удари на гром животот го загубија две лица, jави дописничката на МИА од Атина.
Според локалните медиуми, утрово во областа Илиас во западен Пелопонез, животот го загуби 35-годишен странски државјанин, работник на нива, веројатно со потекло од Пакистан или Бангладеш, додека пак неколку часа подоцна, во областа Кипарисиа во југозападниот дел на полуостровот, од удар на гром загина 56-годишен Бугарин додека со тројца негови сонародници барале предмети и облека на ѓубриште.
Силно невреме со обилни врнежи од дожд и грмотевици претпладнево зафатија делови од Грција, а најпогоден беше западниот дел како и полуостровот Пелопонез.
Во градот Пиргос на полуостровот, по наредба на општината било евакуирано основно училиште бидејќи постоела опасност да се поплави.
Поплави освен во областа Илиас на Пелопонез, каде што е и градот Пиргос, имало и на островот Кефалониа.
Во Јонското море и западна Грција до 13 часот, Националната опсерваторија во Атина, регистрирала 10 500 молњи