Резултатите од испитувањата во лабораторијата на Институтот за јавно здравје покажаа дека двете лица (дете и жена) немаат вирус на западнонилска треска, истакна доктор Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
Овие испитувања во лабораторијата на Институтот следат откако при претходно направени анализи постоеше сомневање за можна инфекција кај овие две лица.
– Во последните две недели веќе имаме брз и значителен пораст на бројот на заболени. Во Грција бројот на заболени е 50, во Италија над 50, во Унгарија и Романија има потврдени случаи на западнонилска треска. Во соседна Србија има над 70 заболени и пет смртни случаи – рече Кузмановска и потенцира дека единствената заштита е заштитата од убоди од комарци.
Таа препорача да не се излегува надвор во време кога комарците се најактивни, да се носи заштитна облека, да се користат средства за заштита од комарци, да се стават мрежи на прозорците и вратите за да се спречи влегување на комарците во домовите, во дворовите да не се држи застојана вода…
Кузмановска додаде дека претстои трета фаза на дезинсекција на ларвицидни форми, а во тек е прскање против возрасни комарци. Според неа, најдоцна во март треба да се направи првата ларвицидна дезинсекција.