Двајцата тестирани во Скопје немаат корона вирус, се чека исход за третиот

А за тоа дали патниците кои вечерва на скопскиот аеродром се враќаат од Италија ќе бидат ставени во изолација, Филипче одговори засега немаат решено дека сите патници би ги ставиле во изолација, како што почнале да практикуваат некои соседни земји.

960

Двајцата нови сомнителни на корона вирус се негативни, покажале тестирањата направени денеска, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

За половина час се очекуваат резултатите од тестирањето на третиот граѓанин кој се тестира од вирусот корона во Скопје.

Ова е петти случај на граѓани кои со сомнеж за корона вирус се пријавиле за тестирање во Скопје.

Министерот за здравство изјави дека сите имале симптоми слични на грип и затоа побарале лекарска помош.

Во врска со тоа дали ќе предложи одложување на манифестациите – викендов е Струмичкиот карневал, а во Прилеп и во други градови се одбележува Прочка, Филипче рече „доколку се појави случај во Македонија ќе има мерки и за такви настани, будно ја следиме состојбата, а засега нема препораки за одложување на јавни манифестации во земјата“.

А за тоа дали патниците кои вечерва на скопскиот аеродром се враќаат од Италија ќе бидат ставени во изолација, Филипче одговори засега немаат решено дека сите патници би ги ставиле во изолација, како што почнале да практикуваат некои соседни  земји.

– Веројатно е дека ќе имаме уште еден состанок на оваа нова координативна група која ја формиравме утрово, по препорака на Владата. Попладнево ќе имаме првична средба. Тука членуваат членови од Комисијата за заразни болести и ќе се донесе соодветна одлука – рече Филипче.

Филипче тврди дека има доволно тестови, а на корона вирус се тестираат сите пациенти кои добиле симптоми на грип, а се вратиле од ризичните региони.

Веќе почнала постапката за набавка на дезинфекциони средства, што е еден од вчерашните заклучоци на Влада.

– Од понеделник ќе почне испораката на сапун за училиштата – додаде министерот.

Во врска со маските рече дека вчера излегле со став поткрепен од експертите епидемиолози – маска на отворен простор со оглед на начин на кој се пренесува оваа инфекција, а тоа е и преку раце, бидејќи вирусот одреден период останува на површините, не е начин граѓаните да се заштитат.

– Може, напротив, да го зголеми ризикот за инфекција заради манипулацијата на маската со раце. Недостигот на маски е насекаде во регионот присутен. Ние имаме како Министерство за здравство сосема доволна количина намената за здравствените работници. Вчера се правеа некои технички интервенции во Управата за царина за да се надмине тој проблем со кој аптеките технички се соочиле – рече Филипче и повторно апелираше да не се патува без некоја голема потреба во регионите каде има епидемија, посебно во Северна Италија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...